Со сослушување на сведоци денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година „Тортура” на СЈО. На денешното рочиште беа сослушани само двајца сведока, додека другите двајца планирани не се појавија, па судењето се одложи за 2 април во 10 часот.

Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата Алфи, Ивица Антевски Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Сведокот Љубомир Михајловски, кој е адвокат, рече дека на ден 6 јуни 2011 година околу 16 часот му се јавил лично Љубе Бошкоски да оди во станица Гази Баба за да го брани, бидејќи го лишиле од слобода.

– Кога го прашав што се случило ми кажа дека е наместен и дека не земал пари. Беше многу револтиран. Ми кажа „цело време сум за Македонија, а види што ми направија“. Се жалеше дека му ставиле лисици и го легнале на земја, а немало потреба зошто не давал отпор, изјави сведокот.

Требаше да одиме на паркингот на Воденица, каде ќе се врши претрес на возилото, што веќе два часа било така оставено отворено.

– Јас им кажав. За мене претресот е нелегитимен. По толку поминато време, Љубе во станица, а возилото на паркинг, секој можел што сака да стави во него. Јас му кажав ништо да не потпишува и возилото е подигнато од таму без никаква потврда за одземени предмети, истакна адвокатот.

Прашан од обвинителот Љубомир Лапе од СЈО, на кого конкретно се пожалил, сведокот рече на овластените лица кои го извршиле апсењето.

Посочи дека немал никакви видливи физички повреди на Љубе Бошкоски.

Сведокот рече, дека вечерта Бошкоски бил изведен пред судија.

На прашање од одбраната како бил облечен Бошкоски и дали имало прав врз неговата облека, сведокот рече дека тоа било одамна и дека само се сеќава дека носел кошула и џемпер.

На прашање од адвокатот на оштетениот дали го видел Бошкоски без кошула и џемпер со оглед дека во исказот кажал дека немал видливи повреди на себе, сведокот рече не.

На почетокот на рочиштето судијката Александра Ристеска информира дека двајца сведоци не се јавиле на судот и посочи дека веќе побарала преку МВР да се утврди достапност.

Вториот сведок Игно Стојков, кажа дека видел дел од апсењето на Љубе Бошкоски, и дека тогаш работел како главен инспектор на единицата Алфи.

– Видов трчање, како Бошкоски ја фрла чантата и потоа го видов апсењето како што беше. Како колегите го стигаат и ставаат на возилото. Не сакав да се доближам, затоа што, сепак, се познавав со Бошкоски и затоа земав тактичка маска и елек, рече сведокот, рече Стојков.

Прашан од обвинителот Љубомир Лапе од СЈО, дали така сведочел и во ЈО, сведокот рече дека не се сеќава. Посочи дека бил сведок на Љубе Бошкоски во Хаг и дека тие лично се познаваат.