Во попладневниот дел од судењето за предметот на СЈО „Титаник 2“ што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, сведочеа поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи и претседателот на ОИК од Струмица, Васил Крстев.

Јакупи, кој во тоа време бил потпретседател на Државната изборна комисија одговарајќи на прашања на обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, рече дека гласал против приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за гласачкото место 1727 во општина Струмица на локалните избори во 2013 година.

– Во записникот од седницата на ДИК за тој приговор стои дека било гласано 4:3, рече Јакупи.

Обвинетиот Бедредин Ибраими за време на рочиштето рече дека се врши тортура врз нив, а судијата Огнен Ставрев го праша кој врши тортура, дали мисли на Судот.

– Судот ништо не ви прави, додаде судијата Ставрев.

Ибраими посочи дека се врши тортура врз сите нив, велејќи дека член на Државна изборна комисија може да има само политичка одговорност пред Собранието што го бира, а не кривична.

На денешното рочиште сведочеа и поранешните членови на ДИК Виолета Дума и Борис Кондарко.

На прашања од обвинителката Фетаи дали видела дека некој телефонски му се јави на Бедредин Ибраими за време на седницата на ДИК на која се одлучувало по приговор, Дума одговори дека му заѕвонил телефонот на Бедредин и оти тој рекол дека шефот го бара.

Дума додаде дека не го разбрала, бидејќи зборувал на албански јазик.

По разговорот со Бедредин се вратил во салата, по што се гласало за приговор од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Дума, пред разговорот Бедредин сметал дека приговорот е неоснован, односно дека нема повреда, но потоа гласал „за“, како и членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето за приговорот на ВМРО-ДПМНЕ било 4:3. „Против“ гласале Виолета Дума, Борис Кондарко и Супхи Јакупи.

Вториот сведок на СЈО, Борис Кондарко во врска со приговорите за гласачкото место 1727 во општина Струмица рече дека не може да се сети на детали затоа што имало многу приговори за повреда на постапката при гласање.

– За општина Струмица не можам да се сетам сега дали имаше четири или шест приговори, рече Кондарко.

На прашање од обвинителката Фетаи дали се сеќава како гласа, Кондарко одговори дека гласал „против“ усвојување на сите приговори за Струмица, затоа што сметал дека се неосновани и нема докази. 

По завршувањето на испрашувањето на четворицата сведоци на СЈО, судијата Ставрев закажа нови рочиште за „Титаник 2“ за 6 септември и за 1 октомври. 

Во предметот обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.