Со слушање „бомби” во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“ за изборни нерегуларности.

Најголем дел од разговорите ги води екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и се од 7 април, на денот на гласањето за вториот круг на локалните избори во 2013 година.

Од снимките се слуша како Миле се јавува по луѓе од партиските штабови и бара да му проверат по име и презиме дали некој излегол на гласање, зошто како што вели Миле „ми дале список, ама да проверам дали излегле”.

Потоа во друг разговор Миле го брифираат дека му пуштиле списоци од ЈСП, Градски паркинг, Водовод, Универзална, средни училишта, болници… и дека најслабо биле во ЈП „Паркови и зеленило“.

Во друг разговор машко Н. Н. лице му се јавува дека имало многу полиција во Дебар Маало и не знаат што да прават иако, како што вели соговорникот „си носат лични карти се, ама… ” , на што Миле го уверува „нема да ги сопре полицаец, зошто си влегуваат си гласаат”.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во разговор ден по изборите му се жали на Миле Јанакиески дека Албанците секаде ги победиле каде што имало мешано население и му објаснува дека „не можеле ништо повеќе да направат дека тие си кренале гласачи од претходно, ама толку е, дека ги победиле“.

Во разговорите од 8 април 2013 година, ден по гласањето на вториот круг од локалните избори, Миле и повеќе други обвинети ги анализираат резултатите и разговараат зошто и каде биле слаби.

Еден од соговорниците објаснува дека не се слаби и дека нивниот таргет од 15.500 гласачи го постигнале, како и дека имаат за 2.500 гласачи повеќе од тоа што Тодоровиќ имал кога победил, по што вели „абе спомениците не коштаат”.

На почетокот на денешното рочиште Судот донесе одлука на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се наоѓа во бегство во Унгарија, да му се суди во отсуство.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се преслушани околу 800 разговори од над илјада предложени од СЈО како докази.

Во моментов дадена е пауза, по која треба да продолжи судењето.