Жител на тетовското село Јанчиште, на возраст од 45 години, денеска во 13.30 часот го убил неговиот работодавец, 60-годишен државјанин на Холандија.

Како што информираат од основното јавно обвинителство Тетово, настанот се случил во расадник во селото Прељубиште, сопственост на сега починатиот. Осомничениот вработен во расадникот најпрвин започнал вербална расправија, а потоа и физичка пресметка со работодавачот. Притоа тој му задал удар со камен во главата и му нанел смртоносни повреди.

Надлежен јавен обвинител врши увид на местото на кое се случило убиството и издал наредби за обезбедување на траги и нивно натамошно вештачење и наредба за обдукција на починатото лице, а одземени се и видео-записи од мобилен телефон на очевидец на настанот.

Осомничениот е уапсен, а истрагата во обвинителството продолжува до целосно расчистување на случајот.