Денешното рочиште за случајот „Тенк“ почна со сослушување на сведокот Љупчо Цековски, вработен во МВР. Покрај него денеска како сведоци на одбраната во Судот се присутни уште 10 лица, како и обвинетите Никола Груевски и Ѓоко Поповски.

Гордана Јанкуловска не е присутна, бидејќи на минатото рочиште за неа беше издвоена постапката поради ризична бременост.

Сведокот Љупчо Цековски кој бил член на обезбедувањето на Никола Груевски рече дека поранешниот премиер се возел со старо блиндирано возило кое често се расипувало. Раскажа случка од 2015 година кога Груевски требало да се вози од неговот дом до Владата, а блиндираното возило не сакало да стартува, поради што тогашниот премиер бил возен во друго несоодветно возило. Додаде дека често се случувало да има дефект на возилото и за негова поправка се чекало по еден месец. Тогаш, како што рече сведокот, возила се позајмувале од МВР.

Вториот сведок Маријан Тушевски, исто така, вработен во МВР, од 2017 година го обезбедувал тогашниот премиер Никола Груевски.

И Тушевски кажа дека блиндираното возило често се расипувало и оти во една прилика кога го однеле на сервис-мајсторот им рекол „уште ли ја користите оваа канта“. Рече дека дознал оти е купено ново блиндирано возило кога во посета на Македонија беше Бан Ки-мун, кој се возел во новото возило.

Тушевски додаде дека новиот мерцедес се користел по потреба кога старото блиндирано возило било во дефект. Тушевски, како и претходниот сведок, рече дека мерцедесот бил користен за странски делегации.

Во моментов пред Судот исказ дава третиот сведок Ацо Јаневски исто така вработен во МВР, а бил личен возач на Груевски.

Прдметот „Тенк“ на СЈО се однесува за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра, а обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.