Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за специјални операции вчера уапсиле пет лица, припадници на криминална група за набавка и дистрибуција на кокаин на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата, соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
– Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесена е кривична пријава против Х.А. (49), Ф.А. (22), Ф.А. (24) сите од општина Арачиново, Р.Г. (27) и П.С. (29), двајцата од Неготино, за сторени кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Од досега спроведената истрага утврдено е дека Ф.А. и Ф. А. (браќа) и нивниот татко Х.А. подолг временски период вршеле набавка и продажба на наркотична дрога кокаин по цена од 3.000-5.000 денари за еден грам на лица во повеќе градови низ државата и тоа во Скопје, Куманово, Тетово, Кавадарци и Велес, преку организирана мрежа на препродавачи и посредници – рече Ангеловски.

Криминалната група по извршената набавка, во својот дом вршела препакување на кокаинот за понатамошна продажба, а била координирана од таткото на семјството од Арачиново.

– За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се материјални докази и документирани се претходни купопродажби на кокаин. По претходно изготвен план и по Наредба од судија на претходна постапка, на 5 септември преземени се повеќе оперативно тактички мерки и активности и петте лица се лишени од слобода, а извршени се и претреси при што се пронајдени предмети поврзани со истрагата. Лицата лишени од слобода денеска ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка – соопшти Ангеловски.