Судењето за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“ ќе продолжи по одморите, на 31 август, кога судечкиот совет ќе се произнесе по предлозите кои произлегуваат од одлуката на Врховниот суд во Атина за укинување на екстрадискиот притвор на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Обвинителката од СЈО Ленче Ристоска предложи постапката за Грујевски и Бошковски да се раздвои, со оглед дека имаат доставено предлог за раздвојување на нивната постапка и имајќи ги предвид денеска изнесените наводи.

Судечкиот совет во насока на економичност одлучи постапката против Бошковски и Грујевски да се раздвои и да продолжи против останатите обвинети во овој случај. Претходно судечкиот совет ја раздвои и постапката за екс министерката Гордана Јанкулоска, бидејќи се наоѓа во деветтиот месец од бременоста.

Адвокатот Љупчо Шврговски најави дека по добивање на писмената одлука од грчкиот суд и доколку таа се заснова врз актот за помилување од претседателот Ѓорге Иванов ќе предложи неговиот клиент Сашо Мијалков, кој беше помилуван од претседателот, да биде истото уважено и за него.

– Стекнатите права пост фестум не можат да се суспендираат ниту со Законот за помилување. Ако ги имаме предвид овие аспекти, а одлуката на судот во Грција дека е суштински прифатена и се однесува пред се на помилување како еднократен и неотповиклив, упатува на заклучокот дека целосно е остварен судскиот процес да биде прекинат, рече Шврговски.

Од овие причини Шврговски предложи Судот да донесе одлука откако одбраната ќе располага со писмена одлука од грчкиот суд и доколку се совпаѓа со тезата од медиумите, тогаш да донесе одлука постапката против Сашо Мијалков да биде прекината.

Обвинителката Ристоска во однос на предлогот за прекинување на постапката рече дека Казнениот законик предвидува под кои услови може да се прекине постапката и дека тие не се исполнети.

Во однос на барањето за одложување на денешното рочиште, Ристовска рече дека со оглед на одвоената постапка против Бошковски и Грујевски, одлуката на Судот во Атина нема никаква важност за оваа постапка.

Адвокатот Петар Василев до Судот ја достави одлуката на Врховниот суд во Атина за укинување на екстрадицискиот притвор за Грујевски и Бошковски.

На прашање од Судот која била одлуката на Апелациониот суд во Солун, Василев кажа дека одлуката била на грчки јазик и била примена од грчкиот адвокатски тим.

Во контекст на тоа додаде дека останатите адвокати од Грција имале право да ги застапуваат обвинетите и да поднесуваат жалби и поради тоа не бил запознаен со содржината и правната формулација на одлуката на судот.

– Обвинетите имаат статус на баратели на азил и имаат дозвола за привремен престој од шест месеци. Издадена им е еден вид лична карта со која може да се легитимираат пред органите. Постапката за азил е во тек и на 13 јули го имаат првото интервју пред органите за водење на постапката, по што ќе им биде закажано друго интервју, по што ќе следи и одлуката за азил, рече Василев.

Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов праша до каде е постапката против обвинетите за фалсификување на лични документи. Василев одговори дека СЈО нема право да го прашуваат за нешто што не е поврзано со делото и, како што додаде, како бранител е должен да ја заштитува нивната приватност.

– Со должна почит кон Судот ќе кажам неколку збора по прашањето иако не сум должен за тоа. Јас не сум нивни бранител пред грчките судови и од тука јас не сум и не можам да дадам изјава за таа кривична постапка. Со оглед дека како и тука така и во Грција, се додека некој не биде осуден правосилно и не биде осуден, мора сите да ја почитуваат неговата презумција на невиност, рече Василев.

Посочи дека тој не може да ги застапува обвинетите пред органи надвор од Македонија.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. аа/дма/ 14:58