Опремата за прислушување од системот „Најс“ во УБК имала употребна вредност од 87.422.668 денари, односно 1.418.897 евра, во моментот кога била уништена, беше соопштено на рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“.

Проценетата вредност е дел од извештајот изготвен од вештак за материјално, сметководствено и финансиско работење, во рамки на дополнението на доказната постапка која е во тек. Вештакот посочил и дека опремата во МВР била уништена во март 2013 година. До сметководствената вредност од еден денар било стигнато со фактура од јануари 2015 година.

Откако ќе  бидат изведени и дополнителните докази, предвидено е да се одржат рочиштата за завршни зборови и за пресудата.

Во предметот „Таргет-Тврдина“, обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.