Свиркачот Ѓорѓи Лазаревски, кој денеска во Кривичен суд одговара на вкрстени прашања од одбраната на обвинетите во случајот Таргет-Тврдина на СЈО прецизира дека во 2010 година го замолил Звонко Костовски да почне да собира докази од новиот систем Најс откако две години живеел со сознанието дека можеби системот за следење на комуникациите се злоупотребува од три врвни функционери.

– Ми требаше Звонко да ми потврди дека тоа е точно. Тој не само што ми потврди туку ми рече дека нема министер што не се прислушува. Цел ни беше да го пробиеме системот Најс и да собираме податоци. Селекцијата на податоците ја правеше Звонко и воопшто немаше врска со таа што ја направив јас од претходниот систем Веринд – посочи Лазаревски.

Кога јас ги извадив материјалите во 2008 година системот Веринд не беше во употреба. Договорот за новиот систем Најс беше потпишан на крајот на 2007 година, а не знам кога бил имплементиран и дали имало поклопување на работата на двата система – рече Лазаревски.

Системот за Интегрирана гранична контрола за кој бил задолжен Лазаревски по деградацијата во 2006 година, кога бил началник на Оперативниот систем, бил во иста просторија со системот за следење комуникации одделен само со параван. Во еден момент, кажа, успеал со мрежен кабел да го поврзе компјутерот за гранична контрола со системот Веринд и подоцна пристапил кон преземање фајлови од него.

На вкрстено прашање од обвинетиот Сашо Мијалков, Лазаревски рече дека нема материјален доказ за лог фајловите што ги извадил од системот Веринд. Како што кажа ги чувал материјалите, но ги уништил пред да го пријави случајот на 7 февруари 2015 година, зашто сметал дека има доволно докази што ги поднел Зоран Верушевски. Токму на Верушевски, посочи, се надева дека му ги предал материјалите, но не може да се сети бидејќи траело околу три години и во различни периоди му предавал различни материјали.

-Материјалите што му ги дадов и ги чував во дискот што го поседував и кого го уништив пред да го пријавам случајот – рече Лазаревски.

Во предметот Таргет-Тврдина обвинети се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешните шеф на УБК Сашо Мијалков, началник на Петтата управа Горан Грујовски, заменик-началник Никола Бошкоски, шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов и уште пет други лица од Управата.
Тие се товарат за незаконско следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година.