Братот на осомничениот за убиството на  Пинета Секондо – Пино денеска сведочеше во Кривичниот суд. Тој рече дека не ја познава второосомничената Ангела Ѓорѓиевска и дека не знаел ништо за убиството, сè додека полицијата не дошла во нивната куќа.

– Сè што знам за убиството е од медиумите – рече Бурхан Али.

Братучетката на Пино исто така сведочеше денеска. Таа раскажа за тоа како и кога ја запознала Ангела Ѓорѓиевска, која е второосомничена за неговото убиство.

– Ангела му беше девојка за задоволување на сексуалните потреби – сведочеше братучетката на Пино, Марија Трпковска, велејќи оти тој тоа самиот ѝ го имал кажано, а Марија не ја прифаќала Ангела бидејќи, според неа, таа не прилегала на нивната фамилија.

Еден ден пред да исчезне, на својата братучетка ѝ рекол – аман веќе од оваа – мислејќи на Ангела, која упорно му пишувала и барала да се видат.

Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за во вторник.

Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.