Фото: Дарко Андоновски

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите денеска соопшти дека се отворени шест нови истраги.

„Подарок“, „Пропаганда“, „ Пациент“, „Дизајн“, „Хармонија“ и „Базни Станици“ се шесте нови истраги кои ги отвори обвинителството.

Во овие истраги станува збор за основано сомнение за предизвикана финансиска штета на Буџетот на РМ во износ од речиси 80 милиони евра, наведува СЈО.

Во првата истрага „Подарок“ осомничени се поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, дека со учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот од јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ од 2.008.877.000,00 денари, односно близу 33 милиони евра, и со истиот износ нанеле штета на Буџетот на РМ.

Со истрагата „Пропаганда“ опфатени се девет лица, и тоа: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во случајот „Пациент“ се осомничени 15 лица, меѓу кои и Бујар Османи како поранешен министер за здравство. СЈО ги сомничи дека фаворизирале и доделиле јавна набавка на фирма од Бугарија, за која иако знаеле дека не ги исполнува условите, била избрана да ги реконструира болниците во Тетово и Охрид, како и гинеколошката клиника Чаир во Скопје.

Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „Дизајн“ опфатени се четири службени лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Имено, постои основано сомнение дека во периодот од 2009 и 2010 година, осомничениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова, како членови на комисијата за спроведување на јавни набавки, на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувања и за економскиот оператор Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на Р.М. во износ од 5.000.000 евра.

Во случајот „Хармонија“ опфатени се три службени лица, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.3 в.в. со ст.1.вв со чл.22 и чл.45 од КЗ.

Постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски претседател на Владата на РМ, Миле Јанакиевски како министер за транспорт и врски и Стевчо Јакимовски градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра.

Во последниот случај што го објави СЈО наречен „Базни станици“ осомничен е поранешниот главен извршен директор на Т-мобиле Македонија АД Жарко Луковски, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст. 5 в.в. со ст.4 и 1 од КЗ.