Oбвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги извршиле кривичните дела за кои се обвинуваат со умисла, бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат срушени затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите, рече обвинителката Елизабета Јосифовска на денешните завршни зборови за случајот „Тревник“.

– Свесно, во барањата за одобренија за градење кои ги поднеле до општина Зелениково на 12.12.2012 година го прикриле фактот дека куќите, за кои барале одобренија за градење, се веќе изградени. Формално правно добиле одобренија за градење на нови објекти, според кои требало да започнат со градба на објектите во рок од две години по правосилноста на издадените одобренија за градење. Според изведените докази, во времето на издавањето на овие одобренија, 24.01.2013 година, куќите биле веќе изградени – рече Јосифовска.

Одбраната во текот на постапката повеќепати потенцираше дека во државата постојат голем број бесправно изградени објекти за кои не се поведени кривични постапки. На ова обвинителката изјави дека во никој случај тоа не може да биде основ за неказнување на обвинетите во овој случај ниту, пак, да биде оправдување за нивното постапување.

– Врз основа на сè што кажав досега, сметам дека обвинителството, со доказите изведени во текот на главната расправа, докажа надвор од секакво разумно сомневање дека обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ сториле по едно кривично дело бесправно градење од чл.244-а ст.1 од КЗ и барам од вас, почитувани судија и членови на Советот, да донесете пресуда со која ќе ги огласите обвинетите за виновни и ќе ги осудите на казни согласно законот, а при тоа да ги имате предвид сите околности кои влијаат врз висината на казната, а барам и примена на одредбата од чл.244-а ст.6 од Кривичниот законик за одземање на бесправно изградените недвижности – додаде Јосифовска.

Драган Павловиќ Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ, се обвинети за бесправно градење. Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, обвинетиот Латас со правното лице Диз Оил Групација Скопје, како изведувач, во текот на месеците мај и јуни 2011 година склучил три договори за изведување на градежно занатски работи на објект во Зелениково.

Договорот од 19.05.2011 година, според понудата која е негов составен дел, се однесува за набавка и монтажа на павер елементи за ограден ѕид и пристапен пат, во вредност од 1.414.500,00 денари.

Договорот од 06.06.2011 година, според понудата како составен дел, се однесува на рамнење на терен, ископи на земја за темели на потпорни ѕидови, за базен и стаклена градина, вградување на бетон и слично, сѐ во вредност од 1.860.000,00 денари.

Договор бр.176/11 од 22.06.2011 година, според понудата бр.2012/30 која е негов составен дел, се однесува на изградба на индивидуален станбен објект – карабина – со бруто површина од 350 метри квадратни. Изведувачот се обврзал да започне со изведување на работите веднаш по склучувањето на договорот и воведување во работа и да ги заврши во рок од 90 работни дена. Вредноста на работите, според договорот е 3.013.500,00 денари, а во членот 7 е предвидено дека ќе се исплатат 861.000,00 денари како аванс, 920.000,00 денари со започнување на градежните активности, а остатокот со текот на градење.