Судскиот совет на денешната седница го разреши Јово Вангеловски од функцијата претседател, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Седницата на која имаше повеќе точки на дневниот ред, почна во 10.30, а заврши во 13.30 часот. Тричлената комисија за извештајот за Вангеловски ја сочинуваа Лидија Каначковиќ, Владо Богдановски и Сашо Ѓорѓиевски.

Сега Вангеловски има право на жалба до Врховниот суд. Разрешување за него беше побарано во декември 2017 година.

Вангеловски без ден судиски стаж, со три години искуство како стручен соработник во Окружниот стопански суд и 20 години адвокатско искуство во мај 2008 година беше избран за судија на Врховниот суд, во граѓанскиот оддел.

Два месеца по изборот, беше избран за претседател на Врховниот суд, функција која ја вршеше до 2012 година. По мандатот на Лидија Неделкова, во 2017 повторно на итна седница на Судскиот совет, беше избран за претседател на Врховниот суд.
Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во прислушуваните теефонски разговори на опозицијата во негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“.

Тој беше повикан и на распит во Скопското обвинителство за сомнеж за местење предмети во судот и изигрување на АКМИС системот и годишните распореди за работа на судиите, но Обвинителетвото не го осомничи.

Вангеловски е кум со поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски. Првиот човек на Врховен, правна војна со тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Јово Вангеловски има долг анкетен лист. Во имотниот лист наведл дека има четири стана во Скопје, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште. Вози „Мерцедес“ Е 300 кој го купил во 2013 година, а освен тоа во гаражата на семејството Вангеловски уште има и „Лексус“, „Тојота“ и „Крајслер“.

Поседува многу акции од кои зема дивиденда, а има и неколку кредити. Претседателот на Врховен е љубител на уметнички слики, а поседува сребрен и златен накит и два рачни часовници „Картие“.