Пратеничките Невенка Стаменковска, Жаклина Пешевска, Александар Трајковски од предметот за насилствата пред Општина Центар, како и други поддржувачи од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба, од утрово чекаат пред влезот на судот и пред влезната врата и сакаат да влезат на судењето за предметот „ТНТ“ како јавност.

Велат дека дошле да дадат поддршка, но полицијата не ги пуштала на судењето од безбедносни причини и дека ќе останат пред влезот до крајот на судењето. Од судот велат дека местото во судницата е исполнето со новинари кои се присутни како јавност.

Утрово почнува распитот на обвинетите во предметот на СЈО „ТНТ“, а прв кој ќе дава одбрана е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на тогашниот политички противник Фијат Цаноски. СЈО тврди дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе барааат отштета.

Обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева. Предметот е во доказна постапка и преостанаа уште двајца сведоци и сослушување на обвинетите.