Лицето е повеќепати барано на посочената улица, но станот е затворен. Оставено е известување – ова го прочита судијката Џенета Бегтовиќ на денешното судење за предметот на СЈО со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, за поранешниот разузнавач Зоран Верушевски.

Судот направил обид да го најде и на работното место во Владата, како национален советник на премиерот Зоран Заев за безбедност. Од Владата на поканата ставиле печат, но нема доказ дека тој лично ја примил поканата.

Од СЈО изјавија дека немаат податок дека ја сменил адресата. Судот повторно ќе направи обид да го обезбеди за следното рочиште на 23 септември.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ. Грујевски и Бошокоски избегаа во Грција и нив им се суди во отсуство.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Предметот кој го судат судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ е во доказна постапка.