Судот дозволи да се изведе вештачењето за „Топлик“ изработено од вештакот и директор на „Катастар“, Борис Тунџев, и покрај тврдењата на одбраната дека е владин директор и донатор на СДСМ. Судијата Осман Шабани, на наводите од адвокатите на поранешниот министер Миле Јанакиески за можна пристрасност и непрофесионалност, кажа дека се неосновани. Тунџев не сакаше да даде одговор на прашањата за пристрасност по судењето со образложение „што имав да кажам, кажав во судница“.

Адвокатката Сања Алексиќ барањето за изземање на Борис Тунџев, кој е вештак во случајот „Топлик“, го аргументираше со известување од Антикорупциската комисија од каде утврдиле конфликт на интереси бидејќи тој е истовремено и директор во Катастар назначен од Владата. Дополнително, Алексиќ до судот достави списи од кои тврди дека се гледа името на Борис Тунџев како донатор на партијата СДСМ во 2016 и во 2019 година.

– Тунџев не само што се јавува како финансиер на СДСМ во 2016 година туку е и донатор и во годишниот извештај на донатори за 2019 година. Дополнително има и извештај каде во друг предмет каде при ист ваков случај, судечкиот совет не го прифатил вештачењето на вештото лице. Работниот однос кај оштетениот е основ за изземање, а основ за изземање е бидејќи неговата непристрасност и објективност е доведена во прашање. Сметам дека основани се барсњата и основот за изземање на Тунџев – кажа Сања Алексиќ, адвокатка на Миле Јанакиески.

За судот, наводите на Алексиќ беа неосновани, а судијата Шабани цитираше законски одредби според кои Тунџев мора да работи стручно и непристрасно. Тој смета дека и констатацијата на Коалицијата за правично судење не е доволна основа за одбивање на вештачењето и изработка на ново, како што бараше одбраната на обвинетите.

– Судот донесе решение, барањето за изземање на Борис Тунџев се одбива како неосновано. Не постојат основите – рече Осман Шабани.

По ова, вештакот Тунџев, одговараше на прашања од обвинителот Бурим Рустеми и одбраната. Во неговото излагање, посочуваше каде се имало недостатоци при постапката за „Сончев град“.

– Комисијата навела и констатирала недостатоци кои од стручен геодетски аспект се податоци за катастарски парцели кои биле предмет на отуѓување, а кои недостатоци се однесуваат на непостоење на имотни листови на сите катастарски парцели од кои се формираат делови од градежните на парцели, непостоење на извршени промени, непостоење на конкретен одговор од Комисија за денационализација дека не се води процес. Непостоење на нумерички податоци за сите градежни парцели кои биле дел од јавното наддавање и записник за утврдена фактичка состојба. Вкупно 616 пацели кои биле предмет на јавното наддавање има нумерички податоци за 24, односно изразено во проценти, изнесува 3,9 проценти. По увидот во документацијата, дополнително постои записник за извршен увид од лице место и поседовен лист – кажа Тунџев на судењето прашан за недостатоците.

Покрај Јанакиески, тука се обвинети уште петмина вработени во Министерството за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Јанакиески, според обвинението на СЈО, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања, на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Штетата што ја направиле на државата е 65 милиони денари или милион евра.