Обвинетите со умисла дозволиле содржината во која се прикажани полови дејствија со дете да биде достапна на членовите на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телграм, истакна обвинителот Владимир Милошевски во воведните зборови на првото рочиште за предметот „Јавна соба“ во Кривичниот суд.

Во предметот се обвинети 32-годишниот Д.К. како основач и администратор на групата и 22-годишниот М.П. 22 како администратор и модератор на групата. Според обвинителот, тие биле должни да се грижат за содржината објавувана од членовите на групата.

Милошевски додаде дека материјалните докази прибрани од обвинителството ќе докажат оти обвинетите во наведениот период ја имале инсталирана апликацијата на која дејствувале во својствата наведени во обвинението. Обвинителството планира да докаже и дека во групата е споделен аудиовизуелен материјал на кој се прикажани полови дејствија на деца.

Адвокатите на одбраната побараа одлагање на денешното судење со образложение дека целокупниот доказен материјал не им бил доставен, тврдејќи дека за првпат им бил дозволен увид пред два дена. Бранителите на крајот на денешното судење побараа укинување на притворот за обвинетите, но судот го одби нивното барање.

Претседателката на судечкиот совет Билјана Коцевска одлучи да се дадат воведни зборови на Обвинителството, а одбраната да ги даде воведните говори на следното рочиште на 27 август.

Двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, во периодот од 19 декември 2019 година до 28 јануари минатата година, биле должни да се грижат за содржината која се споделувала од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете, како што се наведува во обвинението.