Основниот кривичен суд – Скопје го замрзна имотот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е обвинет во случајот за злоупотреба на јавни набавки. Како што се наведува оттаму, замрзнат е и имотот на неговите малолетни деца.

Рашковски и уште три лица се осомничени дека ја оштетиле државата за 17.642.237 денари и мерката е побарана за да не дојде до осуетување на оштетното побарување. Замрзнат е и имотот на двете малолетни деца на Рашковски.

– Уважувајќи го барањето, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје донесе Решение за привремена мерка со кое спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото Решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – Забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп. Воедно, спрема едно правно лице во сопственост на трет осомничен судијата на претходна постапка определи привремена мерка – Забрана за отуѓување или оптоварување на движни ствари – се наведува во соопштението на обвинителството.

Се додава дека привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот.

Во исто време претходно изречените мерки за обезбедување на осомничените се продолжени за нови 30 дена.​