Судењето за организаторите на настаните од 27 април во Собранието ќе продолжи на 4 септември со сослушување на сведоци предложени од одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, откако денешното рочиште заврши со презентирање на материјалните докази. Предвидено е на 4 септември да бидат сослушани 15 пратеници.

На денешното рочиште беше презентиран видеозапис од продолжението на конститутивната седница на Собранието на 27 април 2017 година, на предлог на Вељаноски.

– Од ова се гледа дека ништо не е направено спротивно од деловникот – кажа Вељаноски.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, се обвинети во овој предмет. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков.