Судењето за Титаник на СЈО за изборните нерегуларности продолжува на 24 октомври откако на денешното рочиште во Кривичниот суд беа пуштени околу 90-ина „бомби“ и беше прекинато по барање на обвинетиот Илија Димовски да може да присуствува на седница на собраниска комисија.

Во предметот „Титаник“ предложени се повеќе од 1.000 аудио снимки во листата на материјални докази од СЈО, од кои на досегашните рочишта преслушани се повеќе од 600.

Најголем дел од „бомбите“ на денешното рочиште беа од 24 март 2013 година, за локалните избори, од кои се слуша како Миле Јанакиески се јавува по луѓе, за да се информира како оди излезноста и дали се јавуваат и работат за излезност на гласачите.

Од разговорите можеше да се чуе како Миле, по план и саат се јавува по луѓе и им кажува кога „да притиснат повеќе, да се работи во кол центрите, кога „да истурат повеќе луѓе каде се послаби, па дури и да се јавуваат по фирмичиња со кои имале соработка“, а кога пак „да престанат со јавување и сите луѓе да ги изнесат да одат од врата на врата“.
 
Освен со претседатели на месни комитети и пониски членови од партијата, Миле Јанакиевски разговара и со поранешниот премиер Никола Груевски, екс министрите Гордана Јанкуловска, Никола Тодоров и Антонио Милишоски, но и со Амди Бајрам и Драган Павловиќ Латас.
 
Во разговор со Гордана Јанкуловска, Миле вели дека во 4:00 и 4:30 доаѓаат два авиона со Албанци во Охрид, па двајцата размислуваат како да ги спречат да гласаат, „дали да го задржат некако авионот да врти пред да слета, дали скалите за симнување да се постават подоцна или пак да се направи некоја сообраќајка, да се преврти трактор да не може со коли да ги земат“.
 
– А, да превртиме камион со песок или нешто така цело да се блокира-му вели Јанкулоска на Јанакиески. 
 
Јанакиески во разговор со Никола Груевски му кажува дека се работи и дека имаат 100 кол центри што цело време се јавуваат, но и за резултатите и можноста да има втор круг во Центар, каде Миле го уверува дека ќе бидат 600 плус минус разлика со СДСМ.

– Да ни беа преспанциве ќе  завршевме работа, вели Груевски и му вели „види таму со нашиве да прават и неважечки за после да правиме записници се судиме“.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. 

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.