Судењето за случајот „Титаник“ продолжува на 14 септември, откако претседателот на судечкиот совет Осман Шабани го одложи денешното рочиште поради поднесеното вештачење на обвинителството за аудиоснимките, за да можат обвинетите да го добијат материјалот.

Судот на следното рочиште ќе одлучи кои докази од обвинетите ќе се прифатат во новата постапка. Случајот го води судијата Осман Шабани, додека обвинителката Лиле Стефанова го застапува обвинението.

Денешното рочиште беше прво по назначувањето на нов судија-поротник, по неодамнешното разрешување на двајца судии-поротници од страна на Судскиот совет поради навршени 60 години возраст.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.