На барање на обвинителката Лиле Стефанова, судењето за изборни нерегуларности „Титаник” се одложи за 4 септември.

Одолжувањето беше побарано по предлогот на одбраната на обвинетите за прекинување на постапката за „Титаник” додека се разреши состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Според нив, Јанева е единствено надлежна да ги застапува предметите на СЈО.

Во однос на предлогот на одбраната, Стефанова рече дека како СЈО сметаат дека иако Јанева е во притвор за случајот „Рекет”, нејзините овластувања сѐ уште се важечки.

Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и поранешните функционери Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

СЈО ги обвини за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.