Судењето во врска со смртта на Тамара Димовска од Велес е одложено за 17 септември, за двајца од вкупно 12 обвинети да ја подготват одбраната и да се запознаат со записниците.

Судијата Марин Станевски на обвинетите Маја Парнарџиева – Змејкова и Шабан Мемети на денешното рочиште им го достави обвинителниот предлог за тие да ја подготват одбраната.

На денешното рочиште не присуствуваше обвинетиот Александар Стојановиќ, за кого Судот нема доказ за уредна покана.

Адвокатите на дел од обвинетите реагираа дека со обвинителниот акт не им се составени копиите од материјалните докази кои се речиси на 10.000 страници.

Малата Тамара во 2015 година почина чекајќи операција на рбетот во странство.

Со обвинение за „несовесно работење во службата“ Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против поранешната директорка на Детската клиника Аспазија Софијанова како член на второстепената комисија и поранешните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ), Маја Парнарџиева – Змејкова и Џемали Мехази.

Кривични пријави се поднесени и против членовите на првостепената лекарска комисија, односно Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како и против членовите на второстепената комисија, Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов и Елена Трпковска.