Судењето на обвинетите за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија ќе продолжи на 16 април.

На денешното рочиште, што траеше шест часа, беа сослушани тројца сведоци, претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски.

По завршувањето на рочиштето Кирацовски во изјава за медиумите рече дека 27 април ќе остане како црн датум од поновата историја на Македонија, датум на кој беше поткопан уставниот поредок, нападнати и повредени пратеници, новинари и вработени во Собранието.

– Денес давав исказ во Кривичниот суд како сведок за случајот на нападот врз пратеникот Зијадин Села и се надевам дека со истиот ќе помогнам правдата да ги стигне сите кои се огрешиле на тој настан, рече Кирацовски.

Додаде дека Република Македонија одамна е правна држава и сите оние кои биле нарачатели, извршители или помагатели на немилиот настан мора да одговараат согласно законските прописи.

Кирацоски истакна дека добар дел од обвинетите кои беа присутни во судницата денеска ги препознал, и како што рече, извршувале дејствија кои оделе на штета на здравјето на оние кои биле присутни во Собранието на 27 април минатата година.

На следното судско рочиште се очекува да сведочат тројца сведоци, меѓу кои и пратеник на СДСМ, Мухамед Зекири.