Фото: Архива

Судското рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ утринава беше одложено по третпат бидејќи првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 сѐ уште е во болница. Судот бил известен од затворот во Шутка, дека Јовановски сѐ уште е на болничко лекување, како што информираше судијката Софче Гаврилова-Ефремова.

Судијката ги отповика и наредните две рочишта, кои беа закажани за 14 и 22 октомври, а следното рочиште е предвидено за 28 октомври. Јовановски беше префрлен во болница на итна операција на 8 септември, по воспаление на желудникот.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Јовановски, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени, за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.