Одделот за специјални полициски операции и Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал разбија криминална група од Струмица, која се занимавала со продажба на наркотична дрога хероин.

Како што наведува МВР, организатор на криминалната група е В. С. (45) од Струмица, лице со криминално минато, осудуван за тешки кривични дела, како и за недозволена трговија со дрога. Тој, според информациите, организирал набавка на наркотична дрога хероин во количини од половина килограм, која потоа ја препакувал во помали пакувања (од еден до пет грама) и ја продавал за цена од 1.300 и 1.500 денари за еден грам на уживатели и дилери од Струмица и Штип.

Во продажбата на дрогата бил инволвиран и Т. К. (49) од с. Добрејци, Струмица, кој по добиени насоки од организаторот, од својот дом во с. Добрејци хероинот им го продавал на уживатели и дилери.
– Во почетокот на октомври 2019 година, во Штип, од страна на полициски службеници уапсен е В. М. (33) од Штип кај кого при личен претрес пронајдена е наркотична дрога хероин, која ја купил од В. С. од Струмица поради што СВР Штип против В. М. поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. На 25 и 26.10.2019 година во Струмица лишени од слобода се шест лица од Струмица за кои во истрагата е утврдено дека купувале наркотична дрога хероин од В. С. и Т. К.. При претреси на седум локации во Струмица, кај пет лица, меѓу кои и станот што го користел В. С. во Струмица, пронајдени се речиси половина килограм наркотична дрога хероин, спакувана во неколку кеси, и смеса за мешање, 45.000 денари, 325 евра, а запленети се две патнички возила, кои биле користени за продажба на хероинот – соопшти МВР.

По завршување на истрагата, СВР Струмица поднесе кривична пријава против В. С. и Т. К. за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и против П. С. (42) од Струмица за сторено кривично дело помагање во неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Од страна на судија на претходна постапка на В. С. и Т.К. одреден им е притвор во траење од 30 дена. Во рамките на стратешкиот приоритет за 2019 година на Министерството за внатрешни работи борба против недозволената трговија со дрога и оружје, МВР ќе продолжи со интензивни активности, со посебен акцент на сузбивање на уличната продажба на наркотични дроги.