Фото: Макфакс

Автобуската несреќа во која загинаа 46 македонски државјани во Бугарија е најтешката сообраќајка во Европа во последните десет години, пренесува „Ал џезира“, повикувајќи се на листа што ја објави хрватската новинска агенција „ХИНА“. Во автобусот со македонски регистарски таблички кој се запали на автопат јужно од Софија, меѓу жртвите има 12 деца, додека седум патници преживеаја. Во продолжение се наведени најтешките автобуски несреќи во Европа во изминатата деценија, во кои спаѓа и онаа кај Ласкарци од 2019 година.

2019 година

Македонија: Автобус на компанијата „Дурмо турс“ кој сообраќаше на релација Скопје – Гостивар, со 51 патник, излета од автопатот Тетово – Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Во несреќата која се случи на 13 февруари 2019 загинаа 16 лица.

Португалија: Дваесет и девет германски туристи загинаа на 17 април во автобускаѕс несреќа на португалскиот остров Мадеира, кога на опасна кривина автобусот паднал во провалија длабока десетина метри.

Русија: Автобус со околу 40 патници паднал во замрзната река во регионот Забајкалск во Сибир на 1 декември, при што загинале 19 лица, а 21 било повредено.

2018 година

Турција: Седумнаесет лица загинале, а 36 се повредени на 29 март, кога во источна Турција се превртел минибус кој превезувал мигранти од Иран, Пакистан, Авганистан и од Иран.

Бугарија: Туристички автобус излетал од патот за време на обилните врнежи и паднал во реката Искар, во близина на Своге на северозападот од земјата, при што загинале 20 лица, а околу дваесет биле повредени.

2017 година

Италија: Унгарски автобус што превезувал тинејџери се запали на 21 јануари, откако удрил во столб на мостот на излезот од автопатот кај Верона. Во несреќата загинале 16 лица.

Турција: Дваесет и три лица загинале, а 11 биле тешко повредени на 13 мај на преминот Сакар, во планинската област во близина на одморалиштето Мармарис во југозападниот дел на земјата, кога автобус излетал од кривина и паднал врз друго возило 15 метри подолу.

Германија: Осумнаесет лица загинале, а 30 се повредени на 3 јули, на автопатот кај Милберг на југот на земјата, кога во сообраќаен метеж автобус удрил во камион и се запалил.

Русија: Седумнаесет лица загинале на 25 август на југот на земјата, кога автобус со градежни работници паднал во Црното Море од височина од неколку метри.

Русија: На 6 октомври истата година, воз налетал на автобус на железнички премин на околу сто километри источно од Москва, при што загинале 16 лица.

2015 година

Франција: Четириесет и три лица загинале на 23 октомври во фронтален судир на товарен камион што превезувал дрва и автобус што превезувал пензионери во Пуисеган. Двете возила се запалиле, а патниците останале заробени во автобусот.

2014 година

Турција: Дваесет и едно лице загинало, а 26 биле повредени на 23 јануари во центарот на провинцијата Кајсери кога автобус кој сообраќал на линијата Истанбул – Кајсери се лизнал и излетал од автопатот.

Турција: Камион-цистерна со течен гас се превртел и експлодирал на 22 јули, при што биле запалени два автобуса и еден автомобил што се наоѓале во близина, на автопатот кај Дијарбекир при што загинале 26 лица.

2013 година

Црна Гора: Шеснаесет Романци загинале, а 31 бил повреден на 23 јуни во автобуска несреќа во провалија, на планински пат на околу 30 километри северно од Подгорица.

Русија: Во судир на камион и автобус загинале најмалку 18 лица, во близина на Москва на 13 јули.

2012 година

Швајцарија: Дваесет и осум лица, меѓу кои 22 студенти од Белгија, загинале на 13 март, во автобуска несреќа кога автобус удрил во ѕидот на тунел во близина на Сиера, во кантонот Вале, на југот на земјата.

2011 година

Турција: Камион се судрил со минибус на 21 декември во провинцијата Дијарбекир, при што загинале 25 лица, главно студенти.