Поранешната судија-поротник Лидија Ивановска-Кочковска поднела неотповиклива оставка од позицијата судија – поротник поради истек на мандат и го информирала претседателот на Основниот Кривичен суд дека повеќе не сака да присуствува на кое било рочиште. По налог на претседателот на судот таа не била прифатена и била итно повикана кај него со цел да се изврши притисок да мора да присуствува на рочиштата кои се закажани особено за предметот „ТНТ“, тврди во допис до медиумите адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.

– Во текот на вчерашниот ден, од лица кои ги почитуваат законите,владеењето на правото, добив информации а и истите во текот на вчерашниот ден, биле присутни во Основниот Кривичен суд Скопје,кога поранешната судија-поротник Лидија Ивановска-Кочковска поднела неотповиклива оставка од позицијата судија – поротник поради истек на мандат и при тоа во оставката го информирала претседателот на Основниот Кривичен суд дека повеќе не сака да присуствува на кое било рочиште. Според информациите и покрај тоа што поранешната судија-поротник Лидија Ивановска Кочковска оставката и официјално ја доставила во архивата на Основниот кривичен суд Скопје, по налог на претседателот на судот истата не била прифатена и била итно повикана кај него со цел да се изврши притисок да мора да присуствува на рочиштата кои се закажани особено за предметот „ТНТ“ – се вели во соопштението.

Адвокатот го повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да постапат по оваа информација и на целокупната македонска јавност и ја соопштат вистината околу случувањата во Основниот Кривичен суд поврзани со овој настан.

– Ја охрабрувам поранешната судија – поротник Лидија Ивановска Кочковска која со поднесување на неотповикливата оставка испрати моќна порака,да продолжи да работи по законите во Македонија, да го почитува и применува владеењето на правото, да не потпаѓа под никакви притисоци закани уцени,ветувања…Слободата на совеста е многу моќна ,силна и признаена!Во Македонија ќе се почитува,применува и завладее правото – вели тој.