Адвокатот во случајот „ТНТ“, Јовица Страшевски, во писмено соопштение, вели дека во неговите дописи до медиумите нема закани кон кого било, најмалку кон поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска. Според него, во писмата што тој ги испраќал до медиумите има само информации и цитирање закони. Страшевски е дециден дека ако во кое било писмо биде пронајдена закана, тој да одговора пред надлежните институции.

– Сите писма ги имате, ако најдете и една закана, јас сум спремен да одговорам. Цитирам закони и давам информации. Јас не велам дека некој ќе биде осуден или обвинет, туку посочувам закони. Тоа што кажав дека имам информација од човек што видел дека поротничката поднела оставка, а не изјава во архивата – не е закана. Информација е. Нема еден збор закана. Немам намера кон никого да се заканувам. Тоа се добронамерни укажувања. Немам намера за опструкции на судењата. Тоа го прави судот, кој даде почетен датум и краен датум на судењето. Тие се обидуваат да нè замолчат, а ако тоа се случи, тоа ќе биде лошо за целиот правосуден систем. Зошто еднаш да не завладее правото? Јас нема да попуштам и на сите закани што ги прават против мене. Јас сум спремен да одам и во МВР, Обвинителството, секаде – вели Страшевски во писмото.

Од Кривичниот суд преку соопштение велат дека судијката поротник побара средба кај претседателот на судот, Иван Џолев, кому му се пожалила дека прима закани да се откаже од постапување во случајот „ТНТ“. Кога ѝ било укажано дека судот ќе го заштити нејзиниот углед, таа прифатила да постапува сè до нејзиното евентуално разрешување од Судскиот совет. Во истото соопштение Кривичниот суд вели дека дописите на Страшевски ги потврдуваат заканите и притисоците се обидува да ги направи врз судијката поротник.

– Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуаат до судот, од други лица, кога тие се доставуаат само до приемното одделение? Како се дозволува некој и понатаму да влијае врз судиите и судиите поротниции надвор од судница. Поради сите овие прашања, судот повторно апелира до Министерството за правда, Адвокатската комора, Судскиот совет на РСМ и јавниот обвинител да преземат соодветни мерки и да го заштитат судот бидејќи доколку овие методи вродат со плод, може да бидат применети и во сите други судски постапки – велат од Кривичниот суд.