Двајца странски државјани, со потекло од Камерун, се уапсени на скопскиот аеродром со фалсификувани евра, како и со предмети за правење лажни пари. Во нивниот багаж биле пронајдени фалсификувани банкноти во рана фаза за изработка, во износ од над 900 илјади евра.

Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, осомничените по потекло од Камерун, од кои едниот жител на Франција, а другиот на Луксембург, на 4 октомври пристигнале на Меѓународниот аеродром Скопје, без да поседуваат валидна документација за влез во земјава и финансиски средства потребни за престој.

При проверка, во нивниот багаж било пронајдено поголемо количество предмети за правење лажни пари. Така, првиот осомничен во багажот имал 3.744 парчиња црна хартија исечени со идентична големина како оригинални банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра.

Кај вториот осомничен, пак, биле пронајдени 5.632 парчиња бела хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра, како и 78 парчиња хартија без ознака.

Вкупниот износ на фалсификуваните евро банкноти во рана фаза за изработка изнесувал 902.150 евра. Кај осомничените биле пронајдени и две шишиња со течност, едното со жолтеникава, а другото со темно-црвена боја, кои се користат за диференцирање на обичната хартија од онаа на која се печатат банкноти, како и една УВ-ламба.

До судот е доставен предлог за определување притвор за двајцата странски државјани.