Обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште за предметот „Титаник“ на СЈО, рече дека предлогот на бранителите на обвинетите за одлагање на постапката бара да биде отфрлен, бидејќи Катица Јанева е сѐ уште специјален јавен обвинител и дека не може притворот да влијае врз судењата.

– Во овој момент, Катица Јанева е специјален јавен обвинител и ниту едно овластување кое ѝ е дадено, не ѝ е одземено и не може притворот во друг предмет да влијае врз судењата во одобрените обвинителни акти – рече Стефанова.

Обвинителката кажа дека за ова разговарала со колегите, кои го поддржале тој став, како и од Советот на јавни обвинители, од каде до денеска не добиле одговор.

Адвокатот на неколкумина обвинети во случајот, Дончо Наков, рече дека не сретнал никој од притвор да застапува обвинение во судот.

– Нотарката од шпански скали, за 15 минути Нотарската комора ја отстрани од работа – рече Наков и дополни дека обвинителот кој е во притвор треба да се отстрани од работа, а Лиле Стефанова е сведок во истрагата за случајот „Рекет“.

Наков кажа дека случајот има и морална и етичка димензија, не само законска.

Адвокатот Еленко Миланов побара изземање на обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи таа е сведок во постапката каде што и’ е изречен притвор на Катица Јанева.

Во предметот „Титаник“, СЈО обвини 21 лице меѓу кои и експремиерот и бегалец Никола Груевски, ексминистрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, како и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски и уште неколкумина.

Судењето почна на 2. април 2018 година. Според обвинението на СЈО, обвинетите организирале злосторничко здружување, ги повредиле избирачкото право и слободата на определување на избирачите, извршиле поткуп при избори и гласање, уништиле изборен материјал и ги злоупотребиле средствата за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Предметот е во доказна постапка и треба да продолжи изведувањето материјални докази.