Во екот на пандемијата сѐ покреативни начини за илегална трговија со загрозени животински видови

Глобалната пандемија со коронавирусот значително влијаеше на шверцот со стаклена јагула. Ако пред пандемијата јагулата на патот од Европа до Азија најчесто се шверцуваше во куфери, во текот на пандемијата затворените граници за патување придонесоа јагулата да се шверцува во карго-контејнери, заедно со други производи, чија крајна дестинација е Азија

Стаклените јагули се најзагрозениот воден животински вид. Тие се најатрактивни за шверцување од страна на криминалните организации поради големата нелегална финансиска заработка што стаклените јагули ја носат.
Во периодот од ноември 2020 до јуни 2021 година, Европол ја координираше петтата операција „Езеро“, во која беа вклучени полициските власти од 24 држави, европската царинска управа за спречување шверц на загрозени и ретки животни ОЛАФ, Европска полиција за спречување шверц на диви животни и Агенцијата за спречување измами со храна. Оваа широкоевропска операција е насочена кон откривање на нелегалната трговија со европска стаклена јагула, чија популација во изминатите години се намали за неверојатни 90 проценти.

МАКЕДОНИЈА СО УЧЕСТВО ВО АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ

Во оваа петта операција „Езеро“ беа извршени 58 илјади инспекции низ Европа. Уапсени беа 52 лица, а беа запленети 387 килограми стаклена јагула и 25 килограми возрасна стаклена јагула, со проценета вредност од околу 1.241 милион евра.
Во ноември шпанската полиција заплени карго-контејнер полн со повеќе од 100 килограми стаклена јагула или околу 300 илјади парчиња, на еден од мадридските аеродроми. Оваа операција и понатамошните истраги придонесоа за апсење две лица, вклучувајќи го и водачот на криминалната мрежа, кој сѐ уште е во затвор.
Во друга комплексна акција во која беа вклучени португалските власти беше разбиена криминална мрежа што користела школки, во кои ги криела стаклените јагули, кои, пак, ги пренесувала исто така со карго. Во оваа акција беа уапсени три лица и беа запленети 70 илјади евра во кеш.

Друга португалска акција ги одведе властите до бункер каде што се чувале јагулите пред да се подготват и транспортираат за крајната дестинација, која во случајов е Азија. Полицијата уапси тројца осомничени и заплени 60 килограми стаклена јагула или околу 180 илјади парчиња.

Во Франција беше создадена специјална единица, каде што се наоѓа и главното место од каде што се шверцува јагулата.
Во оваа акција учествуваше и Македонија, покрај соседна Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, а од европските земји, акцијата ја поддржаа Бугарија, Австрија, Данска, Италија, Германија, Шпанија и други.

ЗАЕДНИЧКИ ПРОБЛЕМ ЗА ЧЕТИРИ ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ

Глобалната пандемија со коронавирусот на големо влијаеше на шверцот со стаклена јагула, кој поради пандемијата претрпи огромни измени. Ако пред пандемијата јагулата на патот од Европа до Азија најчесто се шверцуваше во куфери, затворените граници за патување придонесоа јагулата да се шверцува во карго-контејнери, заедно со други производи, чија крајна дестинација е Азија.

Во операциите реализирани пред пандемијата, голем број патници беа уапсени поради пронајдени парчиња жива стаклена јагула во нивните куфери. Во изминатата ковид-година, овој тренд беше заменет со карго-транспортот.

Водечките криминални мрежи што стојат зад шверцот со стаклена јагула најчесто се од Франција, Шпанија, Португалија и од Обединетото Кралство, каде што и се застапени овие видови јагули. Жителите на овие земји честопати реализираат нелегален риболов на јагулите, додека жителите криминалци што се набавувачи на јагулите ги договараат транспортот и логистиката.

Истрагата за време на операцијата „Езеро“ откри дека криминалните мрежи градат специјални објекти слични на бункери во кои ги чуваат јагулите. По пристигнувањето на јагулите во Азија, тие се одгледуваат во рибници за да пораснат во возрасни единки, по што се дистрибуираат на различни пазари низ светот.

Шверцот со стаклена јагула е еден од најголемите и најпрофитабилни бизниси против заштитени видови во светот, со нелегален профит проценет на три билиони евра во изминатите години. Успешните акции на властите направија голем придонес кон намалување на шверцот, бидејќи, според податоците, нелегалната трговија со стаклени јагули се намалила за 50 проценти од 2016 година, кога всушност и започна да се реализира оваа акција.

ШВЕРЦ ШТО СЕ РЕГИСТРИРА ИЗМИНАТИВЕ ГОДИНИ И ВО МАКЕДОНИЈА

Во 2019 година, Секторот за внатрешни работи во Куманово, до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Л.Х. (44) од Народна Република Кина, со живеалиште во Кралството Шпанија, В.В.М. (54) од Република Бугарија, Ј.П. (38) од Народна Република Кина, со живеалиште во Софија, Република Бугарија, против С.П. (41) од селото Режановце, Кумановско, и против И.А. (44) од Крива Паланка, вработен во Царинската управа на РС Македонија, граничен премин Деве Баир, поради постоење основи на сомнение дека Л.Х. сторил кривично дело „шверцување“ по членот 278 став 2 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по членот 394 став 1, дека В.В.М., Ј.П. и С.П. ги сториле кривичните дела „шверцување“ по членот 278 став 2 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по членот 394 став 2 и дека И.А. го сторил кривичното дело „шверцување“ по членот 278 став 5 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по членот 394 став 2 од Кривичниот законик.

Л.Х. формирал криминална група за шверцување недозволени стоки и противправно набавил поголемо количество стаклена јагула, која е редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа. Tранспортот на стаклената јагула требало да се изврши на релацијата Софија – меѓународен аеродром „Скопје“ до Куала Лумпур, Малезија, каде што како купувач се појавува лице по име С.Н. од Малезија.
Л.Х. набавил 60 килограми подмладок од стаклена јагула во вредност од 90 до 120 илјади евра, спакувана во 42 најлонски ќесиња со компресиран кислород, што го сместил во седум големи патни торби. J.П. набавил парични средства во кеш во износ од десет илјади евра во противвредност на бугарски левови, по што на 3.4.2019 година, Л.Х., В.В.М. и Ј.П. ги натовариле патните торби со стаклена јагула во комбе „мерцедес“ со бугарска национална ознака. Откако обезбедиле авионска карта за патување за В.В.М. на релацијата Скопје – Истанбул – Куала Лумпур, заминале за Скопје. На граничниот премин Деве Баир ги чекал С.П., кој имал задача да обезбеди непречен премин при царинската контрола на македонска страна. По пристигнувањето на царинската контрола кај И.А., тој без задржување ги пуштил да го напуштат граничниот премин без царинска контрола на багажот.

Подоцна, на магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка – Куманово нивното возило било запрено од полициска патрола. При прегледот на возилото биле пронајдени седумте куфери со стаклена јагула, по што лицата биле приведени во СВР-Куманово.