Албанската полиција, во близина на граничниот премин Ќафасан, на албанско-македонската граница, кај Струга спречи шверц на поголема количина марихуана, чија крајна дестинација била Македонија.

Дрогата била натоварена во комби возило (фургон) со албански регистарски таблички, кое било запрено на патниот правец Елбасан-Ќафасан.

Во акцијата, во која биле вклучени и припадници на едницата за брзи интервенции уапсени се три лица, а следувала по добиени сознанија дека во фургонот, во кој наводно се транспортирала друга стока, всушност има марихуана.

Во интерес на истрагата, која се проширува и на македонска територија, нема информации за колкава количина станува збор и не се соопштува идентитетот на уапсените.

Истовремено, грчката полиција во близина на Јанина уапсила албански државјанин, кој транспортирал 20 килограми марихуана. Дрогата била пакувана во 39 пакетчиња, скриена во неколку делови на возилото, а била откриена од куче обучено за откривање на дрогата „неро“.