Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, нема да сведочи на денешното рочиште на судењето за организирањето на упадот во Собранието на 27 април, познат како „Крвавиот четврток“.

Судијата Илија Трпков, кој го води судењето, соопшти дека тоа нема да се случи бидејќи нема доказ за уредна покана до премиерот. Покрај Спасовски, како сведок  требаше да се појави и Михаил Младеновски, бидејќи и неговата покана била неуредна. Тој првично беше обвинет, а потоа амнестиран за упадот во Собранието.

Покрај неуредните покани за сведочењето, сведоците биле известени од Обвинителството да не доаѓаат, бидејќи во 14 часот е закажана јавна седница во Апелацискиот суд, по жалбата за притворот на обвинетиот Миле Јанакиески.

Своите воведени зборови денес ти изнесуваат адвокатите и обвинетите, а според првичните говори, тие ќе докажуваат дека никој не организирал и не повикал на ваков настан кога беше упадот во Собранието.

Според обвинителството, во 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, обвинетите подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата.

За организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, на обвинителна клупа се поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, поранешните министеи Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Другите обвинети за овој случај се во бегство. Спасовски и другите функционери од сегашната власт беа цел на разгневената толпа која влезе во Собрание.