Фото: Игор Бансколиев

Локалното население се вклучи во гаснењето на пожарот кај потегот на кумановските села Агино село – Брзак и скопско Дељадровци. Огнената стихија се доближува и до рафинеријата „Окта“ од селото Текије.

На фотографиите на фотографот на „Нова Македонија“ Игор Бансколиев се забележува младо момче кое со кофа истура вода, обидувајќи се да помогне во гаснењето на огнот.

Пожарникарите на терен неколку часа го гаснат и се обидуваат да го локализираат пожарот. Пожарот е пријавен напладне во кумановската противпожарна единица и е видлив од автопатот Куманово – Скопје. Според последните информации, на терен се три противпожарни возила и едно на рафинеријата „Окта“.

Повеќе медиуми пренесоа дека нема опасност од ширење на пожарот до рафинеријата, повикувајќи се на изјава на командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски.