Фото: Маја Јаневска-Илиева

По преземените мерки и активности, заклучно со 1.7.2021 година, поднесени се три кривични пријави (две од СВР-Тетово и една од СВР-Битола) против четири сторители за сторени две кривични дела „изнуда“ и по едно кривично дело „помагање“ во врска со изнуда и „лихварство“, додека за преостанатите пријави постапувањето е во тек, информираат од Министерството за внатрешни работи

ВО ПОРАСТ НЕЛЕГАЛНОТО ДАВАЊЕ ЗАЕМИ НА ГРАЃАНИТЕ СО МНОГУ ВИСОКИ КАМАТИ

Министерството за внатрешни работи, на почетокот на март, започна со кампања насловена „Пријави лихва“, со која директно им се објави војна на лихварите. Со оваа акција, граѓаните анонимно можат да пријават лихварство, со цел спречување на нелегалното давање заеми на граѓаните, кои потоа треба да вратат двојно, тројно или уште поголем износ од оној што го добиле како заем.

ДУРИ 44 ПРИЈАВИ ЗА ЛИХВАРСТВО

Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, граѓаните ги пријавуваат лихварите и случаите на лихварство.
Како што информираат од МВР, за периодот од 1.1.2020 година до 1.7.2021 година, на отворената бесплатна телефонска линија „пријави лихва“ се пријавени 44 пријави, кои се дадени за постапување во секторите за внатрешни работи.
– По преземените мерки и активности, заклучно со 1.7.2021 година, поднесени се три кривични пријави (две од СВР-Тетово и една од СВР-Битола) против четири сторители за сторени две кривични дела „изнуда“ и по едно кривично дело „помагање“ во врска со изнуда и „лихварство“, додека за преостанатите пријави постапувањето е во тек – информираат од МВР.
Како што додаваат оттаму, изминативе денови поднеле уште една кривична пријава за сторено кривично дело „лихварство“.
– Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против В.М. (45) од Валандово и А.М. од Скопје, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „лихварство“, предвидено и казниво по чл. 260 од Кривичниот законик.

Имено, второпријавениот, во својство на вработен во правно лице од Скопје, во периодот од 2018 до 2020 година во име и за сметка на подружницата на заложна куќа, иако знаел и бил свесен дека подружницата нема овластување за давање пари на заем, бидејќи не поседува дозвола за овластување за кредитно посредување, на веб-страницата за купопродажба, во име на подружницата, поставил оглас за давање заем на парични средства по различни основи, а како контакт го оставил својот телефонски број. Тој прво усно договорил давање заем на оштетените Д.Ј., Д.С., М.С., П.Р. и С.Р., а потоа и ги навел кон склучување писмени договори со првопријавената, во својство на овластено лице за подружницата. Првопријавената, иако знаела дека правното лице не поседува такви овластувања, склучила договори за заем на парични средства со засновање заложно право врз недвижен имот (хипотека) и анекси
на договорите со оштетените. Имено, В.М. за дадените заеми во вкупен износ од 3.413.180 денари или 55.278 евра, на оштетените им пресметала паричен износ што требало да биде вратен во висина од 5.571.579 денари или 90.155 евра, иако требало да им пресмета максимален паричен износ што треба да го вратат од 4.282.060 денари, односно 69.289 евра.
Со преземените дејствија, таа, како заемодавач, пресметала камата во висина од 2.155.398 денари, односно 34.877 евра, иако максималната камата што можела да биде пресметана во согласност со највисоката законска казнена каматна стапка можела да изнесува 865.879 денари или 14.011 евра, со што се стекнала со несразмерна имотна корист во вкупен износ од 1.288.962 денари или 20.857 евра.

ГРАЃАНИТЕ СЀ УШТЕ АНОНИМНО МОЖАТ ДА ПРИЈАВУВААТ ЛИХВА

Лихварството е криминална појава што сѐ повеќе зема замав во земјава. Голем е бројот на лица што нелегално позајмуваат пари за двојна, тројна, па и поголема заработка, кога должникот треба да ги врати парите. Во неможноста да излезат накрај со секојдневните финансиски предизвици, во време кога беспарицата е еден од најголемите проблеми во земјава, сѐ поголем е и бројот на граѓани што излезот од своите финансиски проблеми го наоѓаат во позајмувањето пари од лихвари.
Дека проблемот со лихварството во земјава е доста голем, говори и фактот што во март Министерството за внатрешни работи отвори и бесплатна телефонска линија, на која граѓаните анонимно можат да пријават лихварство и да споделат корисни информации поврзани со лихварството. На бројот 0800 00 201, граѓаните можат да се јават и да споделат информации за оваа проблематика.
Лихварството се регулира во Кривичниот законик во членот 260.
(1) Тој што за услугата што му ја прави на некое лице прима или договара за себе или за друг несразмерна имотна корист искористувајќи ги неговата тешка имотна состојба, тешките станбени услови, нуждата, недоволното искуство или лекомисленоста, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што неовластено се занимава со давање пари или други потрошни предмети на заем со договор и притоа договара несразмерна имотна корист – наведено е во членот 260 од законот.

[email protected]