Скопското основно јавно обвинителство поднесе предлог за казни против вкупно 15 лица за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Како што информираат од обвинителството, обвинетите на 31 мај, иако со одлука на Владата било забрането групирање на повеќе од 5 лица на јавни површини, тие се собрале на булеварот „Илинден“ во близина на зградата на Владата, каде учествувале на јавен собир под мотото „Стоп кршење права и слободи, стоп вакцини, стоп 5Г антени, стоп лажна пандемија“.

Обвинетите биле затекнати од полициски службеници при извршена контрола на местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител предложил на секој од обвинетите да му биде изречена парична казна од по 2.000 евра во денарска противвредност.​