Фото: Игор Бансколиев

На црниот интернет-пазар во март беше откриено дека лажни вакцини против ковид-19, под имињата на „Астра Зенека“, „Спутник“, „Синофарм“ и „Џонсон и Џонсон“, можеа да се купат по цена од 500 до 750 долари, и тоа за две дози. Анонимните трговци продаваа и лажни потврди за вакцинација за 150 долари

ШЕМАТА НА КОВИД-ИЗМАМИТЕ НЕ СТИВНУВА

Ако нешто им направи зголемена црна заработувачка на криминалните организации, тоа е дефинитивно изминатата, но и оваа ковид-година. Често беа забележувани голем број „инвентивни начини“ на криминалните групи, кои, за жал, успешно ги реализираа на маката на граѓаните низ светот. Беа евидентирани голем број измами, почнувајќи од заштитни маски и лекови, а во агендата на измами често беа ставани и успешно измамени цели здравствени системи. За среќа, голем број случаи беа спречени, запленети беа огромни количества лажни производи и лекови, но, за жал, има и случаи кога измамите се откриени предоцна.

На црниот интернет-пазар откриени лажни вакцини од сите видови

Светската јавност сѐ уште е во шок по пласирањето на информацијата дека во индискиот град Мумбај се случиле најмалку 12 лажни акции за вакцинирање на населението. Со раствор од солена вода биле „вакцинирани“ повеќе од 2.500 лица, а организаторите на вакцинацијата за тоа им зеле и пари на потенцијалните жртви и за вакцинирањето успеале да заработат 28 илјади долари.
Уапсени беа 14 лица, а разработената шема успеала да измами дури и лекари и други медицински работници.
Слична ситуација беше забележана и во Кина во февруари годинава, кога кинеската полиција уапси повеќе од 80 лица и заплени три илјади лажни дози вакцини против ковид-19.
Осомничените работеле на планот уште од септември минатата година, а сите лажни дози беа пронајдени и запленети од страна на кинеските власти.
Според полициските извори, овие вакцини требало да се испратат во странство.
На црниот интернет-пазар во март беше откриено дека лажни вакцини против ковид-19, под имињата на „Астра Зенека“, „Спутник“, „Синофарм“ и „Џонсон и Џонсон“, можеа да се купат по цена од 500 до 750 долари, и тоа за две дози. Анонимните трговци продаваа и лажни потврди за вакцинација за 150 долари.
Полицијата и во Јужна Африка заплени неколку стотини ампули лажни вакцини против ковид-19. Во тамошната акција беа уапсени четворица осомничени.

Најчесто се продаваат на Дарк-веб

Продажбата најчесто се врши на интернет-страници каде што се рекламираат и се продаваат производите наменети против ковид-19. Многу често продажбата се врши на црната мрежа позната како Дарк-веб, која е наменета токму за реализирање нелегални продажби, како што е трговија со дрога, оружје и порнографија.
На почетокот на пандемијата се продаваа заштитни маски, разни серуми и сирупи што наводно штитеа од вирусот, а измамени беа и цели здравствени системи.
Како последица на тоа, на крајот на минатата година Интерпол објави портокалово предупредување, со кое им се укажуваше на државите низ светот дека криминалните групи веќе почнале да работат на илегална продажба на лажни вакцини против ковид-19. Овие вакцини што се продаваат на црниот пазар може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето на оние што би ги примиле. Таквите производи ниту се тестирани ниту, пак, се безбедни.
Доволно е граѓаните да знаат дека легалните и оние вакцини што се за масовна употреба, всушност, не може да се купат никаде, а секој што ќе успее да купи вакцина, своите пари им ги дал на криминални групи.
– Уште од самиот почеток на корона-кризата, криминалците го искористија стравот на луѓето за да заработат брзи пари. Лажните вакцини се последни во низата многубројни производи и токму затоа Интерпол ја предупредува јавноста да биде претпазлива – истакна Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.

Како што истакна тој, овие криминални мрежи имаат амбиции на глобално ниво.
– Ниту една земја и регион не може да се справат и да се изборат со овој вид криминал – истакна тој.
Македонските власти уште тогаш истакнаа дека предупредувањето е проследено до надлежните служби.
– Глобалното предупредување на Интерпол за заканата од организиран криминал со вакцини против грип и ковид-19, како и портокаловата објава/потерница на Интерпол, во која се содржани потенцијалните криминални активности во врска со фалсификување, кражба и незаконско рекламирање вакцини против грип и ковид-19, Интерпол-Скопје го доби од страна на Генералниот секретаријат и го проследи до надлежните институции и сектори. Министерството за внатрешни работи континуирано ќе ја следи состојбата – истакнаа од Министерството за внатрешни работи.
Досега имаше голем број измами поврзани со коронавирусот. Многу држави наседнаа на лажни фирми што продаваа заштитни маски, а во земјава беше реализирана и кражба на заштитни маски од една од болниците.
Беа забележани и сајбер-напади, кои беа реализирани и на болници, лаборатории, локални влади, а за ослободување на интернет-страниците криминалните групи бараа уплаќање одредени износи.

[email protected]