ОДРЖАНА МЕЃУНАРОДНА РАБОТИЛНИЦА

Во организација на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, на 19-ти месецов, се одржа работилница на тема „Современите трендови во медијацијата и предизвиците за регионална соработка во земјите од Западен Балкан“.
Партнери на работилницата се Здружението на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Српската асоцијација на менаџери за корпоративна безбедност, Асоцијацијата за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа и адвокатското друштво „Дракуловска – Стојановска“.
Работилницата има цел да ги промовира практичните достигнувања, проблеми и предизвици во областа на медијацијата, особено нагласена во услови на пандемијата на ковид-19, наоѓање модели за поголема инклузија на медијаторите во граѓанската и кривичната постапка, вклучувајќи ги и другите области на имплементацијата на медијацијата. Регионалниот пристап претставува појдовна рамка за ефикасно функционирање на современите корпорации. Работилницата ќе овозможи презентирање на суштината и вредносниот капацитет на медијацијата како вонсудска постапка, примена на практични вештини на медијаторите и истакнување на суштината и проактивната улога на инволвираните субјекти во постапката на медијација. Преку согледување на современите трендови, работилницата има цел да обезбеди високо ниво на третман и воспоставување економичен и ефикасен пристап за решавање на споровите во правосудните системи. Работилницата се карактеризира како уникатен, модерен, одржлив изразен модел за анализа и сублимација на практиката на интерперсонална медијација, исклучително актуелна тема и реалност.

Модератор на меѓународната работилница е проф. д-р Љупчо Сотирски, претседател на Комисијата за меѓународна соработка на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, кој истакна дека македонското општество ги доживува реформските процеси, а заедно со нив ја промовира и медијацијата со која се афирмира решавањето на споровите по мирен пат, со наоѓање заедничко прифатливо решение. Медијацијата, во својата суштина, значи зголемување на ефикасноста на работата на правосудните институции и намалување на бројот на нерешените предмети. Постапката на медијација отвора можност сите инволвирани страни во одреден спор да воспостават реална комуникација и активно да учествуваат во наоѓањето заемно прифатливо решение за спорот. Во оваа смисла, значењето за поширока примена на медијацијата произлегува од предноста на системот за решавање на споровите, што овозможува пред сѐ да се земат предвид меѓусебните интереси на страните и можноста за постигнување спогодба, како израз на доброволниот пристап и волја за постигнување заеднички компромис. Медијацијата како алатка на алтернативниот пристап првпат во историјата како независна држава е воспоставена и институционализирана преку законите за медијација во 2006 и 2013 година. Законските одредби ги следат искуствата на земјите-членки на Европската Унија за спроведување на постапката на медијација. Во континуитет медијаторите создаваат институционална функционалност преку Комората на медијатори и Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на медијацијата.
Претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, проф. д-р Атанас Козарев, ја истакна сложеноста на медијациската инфраструктура во чии рамки соодветната постапка се манифестира на различни начини како израз на специфичностите, но во основа оперативната матрица е унифицирана и високостандардизирана.

Постапката на медијација и нејзината примена им овозможуваат на сите граѓани брзо решавање на споровите и гарантираат правично постапување, ефикасност, неутралност, непристрасност и доверливост. Со ваквата постапка, законската рамка претставува квалитетен формалноправен применлив модел за решавање спорови.
Во услови на глобализација, алтернативните начини на решавање спорови добиваат полна афирмација, поради постоење на спорови што според својата природа не се најпогодни за решавање во судската постапка и за нив поефикасен механизам е примената на медијацијата. Мирното решавање на споровите е само едно дополнување на судскиот систем, а не и негова замена. Кога постапката за мирно решавање на спорот нема да даде одреден резултат, странките можат да се вратат повторно на судската постапка.
Особено е важно да се истакне идејната инфраструктура на промоцијата, која во основа претставува регионален пристап како рамка за ефикасно функционирање на современите корпорации. Преку презентацијата на истакнати медијатори и промотори на медијацијата во земјите што се дел на Западен Балкан, ќе се оствари меѓусебно информирање за состојбите во врска со медијацијата и нејзиното практикување.
Современите трендови на земјите од Западен Балкан влијаат врз медијацијата и го зајакнуваат степенот за прифаќање и применување. Учесници се врвни експерти медијатори од регионот, и тоа: Стипе Шола од Хрватска, кој зборуваше за медијацијата во работните и семејните спорови; Нела Савиќ од Србија, која се осврна на медијација/ковид-19 како предизвик за сите, значење на управување, претворање на закана во шанса, нови технологии; Мухарем Селимовиќ од Брчко, со предавање „За и против медијација преговарања во Босна и Херцеговина – Осврт на Дистрикт Брчко“; Хаба Кораќ од Сараево ја објасни примената на медијацијата во ресторативната правда, како постапка во решавање спорови (во услови на пандемија); Есад Бечиревиќ од Добој ги презентира перспективите на медијацијата во Босна и Херцеговина; Правда Божовиќ Вучиниќ од Косовска Митровица зборуваше за откривање на важноста и моќта за брза медијација, ефикасно и економско решавање спорови помеѓу индивидуи од различна етничка припадност, религија, култура и идентитет; проф. д-р Зоран Иванов кој ги сподели своите искуста од областа на медијациските вештини; и Илија Манасиев од Скопје се осврна на психологијата на спорот. Во оваа смисла, важно е да се истакне дека учесниците на работилницата во најголем број се членови на Здружението на медијатори на Југоисточна Европа, основано на 22 октомври 2016 година, во Загреб.

Оваа работилница само ги потврдува основните цели на здружението за обединување на медијаторите од Југоисточна Европа, особено во земјите на Западен Балкан, признаени експерти во своите средини, кои се трудат преку својата работа, начин на живот и активности во нивните заедници, придонесуваат за развојот на медијацијата во решавањето на спорови во сите сфери на општествениот живот. Секоја земја има свои посебности и важно е да се споделат меѓусебните искуства.
Преку своите активности, Здружението помага во решавањето спорови во земјите од Југоисточна Европа и прекугранични спорови поврзани со субјектите од овие земји преку медијација. Крајната цел е наоѓање општоприфатливо решение за страните во спорот и наоѓање оптимални решенија прифатливи за сите страни во спорот. Здружението гради постојан однос на доверба, идентификување на заедничките интереси, дејствување на развојот на сите видови спорови, со користење вештини, техники и искуства, натамошно зајакнување на односите, зголемување на продуктивноста и вредноста на услугите во медијацијата. Идејата за промоција на медијатори е втемелена во промовирање на културата на дијалог, како и почитување на различностите и натамошно развивање добра практика за помирување, решавање на споровите и антагонизмите. Исклучителна важност на Здружението е практичната визија за учество во размена на искуства и заемна поддршка со поединци и здруженија чии активности се компатибилни со постигнувањето на идејните цели на Здружението.

Мисијата ја промовира културата на решавање спорови преку медијација, професионално, независно, достапно и објективно дејствување. Здружението во својата суштина ги негува и промовира основните вредности олицетворени во социјалната одговорност, обезбедување квалитет и определба за континуирано подобрување на знаењето и вештините на општествата во кои живееме. Токму оваа работилница ги обединува споменатите вредности и значење на медијацијата. Медијацијата, нејзината постапка и апликативната вредност како алтернативен начин за решавање на споровите се иднината за ефикасно и економично решавање на споровите.
Оваа работилница со меѓународен карактер овозможува натамошна промоција, интензивирање и фокусирање на медијацијата, со споделување практични примери од добрата практика за виртуелното решавање спорови со помош на медијаторите. Во таа смисла, презентацијата на медијатори од регионот ќе му овозможи на поширокиот аудиториум запознавање со новите состојби, идните очекувања и предизвици. Работилницата е замислена како успешна алатка за промовирање и поддржување на значењето и улогата на медијацијата во развиениот свет, со посебен акцент на нејзината примена за ефикасно решавање спорови во земјите на Западен Балкан.