Читањето на 133 илјади СМС-пораки поврзани со петкратното убиство кај Смилковско Езеро од 2012 година, продолжи на денешното рочиште за случајот „Монструм“.

Во дел од прочитаните пораки наведени се разговорите помеѓу обвинителот Џелал Бајрами и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на неколку дена по убиството. Бајрами во нив пишува дека нема силни докази, но оти убиството е дело на професионалци.

Во петкратното убиство кое се случи на 12 април 2012 година, беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.