Да се биде крадец или криминалец не е лесна работа. Мора добро да се прецизираат деталите за да се изврши едно „совршено дело“, доколку сторителот сака да помине незабележано или, пак, успешно да изврши криминал без да заврши во затвор. Но многумина не го осмислиле добро својот план, па наместо да уживаат со пленот, наивно завршувале во затвор. Има забележани повеќе такви случаи

Го објавил планот за крадење

Вооружениот крадец Ендрју Хенелс бил фатен од страна на полицијата, откако објавил фотографија на Фејсбук за неговите планови да ограби супермаркет. Тој објавил самослик, слика со нож и објава, која, всушност, објаснувала кој супермаркет ќе го ограби. Полицијата го фатила 15 минути подоцна. Тој носел нож и 410 фунти во готово, кои ги украл од супермаркетот. Осуден бил на четири години затвор во април минатата година.

Задремал при грабеж

Брачна двојка се вратила дома од одмор и во домот го забележале крадецот Лукас Чојновски како спие на софата. Домаќините биле изненадени кога го забележале натрапникот, а уште повеќе биле во шок кога виделе дека тој дури миел садови, ги испрал алиштата, па дури и купил намирници за домот.
Жената истакнала дека куќата била растурена кога заминале, но натрапникот добро ја средил.
– Го изгорел тавчето додека готвел, но тоа се случува – истакнала домаќинката. Чојновски, кој во 2014 г. кога го сторил делото имал 28 години, го признал грабежот, а судот му одредил условна казна од две години и парична казна во износ од 200 фунти.

Украле пингвин

Двајца туристи завршиле на суд во 2012 година, откако се опијаниле и украле пингвин од забавниот парк „Морски свет“ во Австралија. Рис Овен Џонс (21) и Кери Мулс (20) од Јужен Велс, провалиле во паркот, пливале со делфините, го користеле противпожарниот апарат во делот за ајкулите пред да избегаат со кутриот пингвин, кој се викал Дирк. Кога наредниот ден се разбудиле, сфатиле што направиле, но продолжиле да се грижат за пингвинот. Го чувале и го хранеле.
Соседите ги пријавиле за чудните звуци што доаѓале од нивниот стан. Туристите заработиле илјада австралиски долари казна поединечно, а судијата ги замолил помалку да пијат вотка. Пингвинот бил спасен и вратен во своето живеалиште.

Замена на грдата слика

Човек осомничен за подметнување пожар и за вандализам, ѝ испратил самослик на полицијата во Охајо, затоа што таа што ја објавиле тие за неговата потерница не му се допаѓала.
Доналд Пуг им ја испратил фотографијата и напишал: „Еве подобра фотографија, онаа што сте ја објавиле е ужасна.“ Тој дури се јавил во локалната радиостаница и се пожалил поради фотографијата што ја објавила полицијата. Рекол дека не може да издржи и дека изгледал како „исфрлен од поплава.“ Полицијата му се заблагодарила за фотографијата и го замолила да се појави во полициската станица на разговор. По неколку часа тој бил уапсен.

Сам се пријавил за да ја земе паричната награда

Полицијата се соочува со многу изненадувачки ситуации. Еден авганистански талибанец сам се пријавил во полиција и се обидел да ја земе наградата што била објавена за неговото пронаоѓање во износ од 100 долари. Мохамед Ашан, кој бил еден од командантите на талибанците, бил осомничен за организирање напади на војската на Соединетите Американски Држави. Според извештаите, тој влегол во полициската станица во 2012 година, покажал кон неговата фотографија што стоела на ѕидот, потоа покажал кон своето лице и ги побарал парите како награда. Властите прво биле шокирани и занемени, а потоа го уапсиле.

„Не мрдај, имам краставица“

Човек се обидел да ограби спортска обложувачница вооружен со краставица. Неговиот план не успеал затоа што бил запрен од полицаец, кој во моментот не бил на должност. Гери Руф ја ставил краставицата во црна чорапа, ја ставил на главата на жената вработена во обложувачницата и побарал готовина, а вработената одбила да го направи тоа. Во тој момент Руф бил турнат на земја од полицаец, кој во моментот не бил на должност и бил уапсен. Тој на полицијата ѝ кажал дека само се шегувал, а ја искористил пригодата да праша дали за тоа ќе добие затворска казна. Судот му одредил затворска казна, откако тој признал дека се обидел да изврши грабеж.

Фатете ме ако можете

Криминалец коментирал на објавата на Фејсбук од полицијата, која се однесувала на него. За Логан Џејмс, кој имал 19 години, била објавена потерница, а полицијата на својот профил на Фејсбук објавила дека Џејмс се бара за напад, ранување и поседување нож. „Хаха, фатете ме ако можете, нема да скршнам“, искоментирал тој на нивната објава. Тој за медиумите изјавил дека се шета постојано во близината на својата куќа и дека сѐ уште е на слобода, што значи дека полицијата не си ја врши добро својата работа. Подоцна истиот ден бил уапсен, а полицијата му се заблагодарила што успеал да го привлече вниманието на секој можен начин и така всушност им помогнал да го најдат и уапсат.

Фатен на камера

Кристофер Бедмен со ранец на главата ограбил хотел, додека се одржувала конвенција за Елвис Присли. За негова несреќа, тој бил фатен на камера од локален медиум, кој ја снимал конвенцијата, како го вади ранецот од својата глава и погледнува директно во камерата. Тој го признал делото и заработил казна од илјада фунти.