Ексразузнавачот Слободан Богоевски и денеска не се појави да сведочи во случајот „Маѓар телеком“ како сведок што го предложи одбраната. Причината е бидејќи немало доказ за уредна достава на судската покана.

Судијката Ленка Давиткова рече дека сведокот Богоевски испратил поднесок до судот со кој посочува дека повторно е спречен да присуствува на рочиштето и дека ниту ги познава обвинетите ниту нивните дејствија.

Обвинителката Лиле Стефанова рече дека не ја знае причината зошто Богоевски не се појавува, но рочиштата се одлагаат поради неговото неприсуство и дека на следните рочишта ќе бидат повикани и други сведоци за да не се одложуваат судењата.

– Богоевски беше предложен од одбраната и тој даде исказ во Обвинителството за настаните кои следуваа потоа – рече Стефанова. На следното рочиште на 30 септември треба да сведочи Михалис Кефалојанис.

Во предметот обвинети се тројца ексдиректори на „Телеком“ Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, за злоупотреба на службената положба, кои повеќе од седум години се недостапни за органите на прогонот.