Фото: Бурбуќе Имери/Приватна архива

Учениците излегоа на марш во знак на сочувство за нивните другари

Скршени сме и очајни, ова никогаш да не се повтори, вели за „Нова Македонија“ Бурбуќе Имери, директорката на училиштето „Исмаил Ќемали“, каде што учеа деца што настрадаа во автобусот кој се запали во Бугарија.

– Многу ни е тешко, скршени сме и очајни после информацијата дека се запали автобус во Бугарија во кој беа и пет наши ученика. Две деца одеа во девето одделение, еден во осмо, еден во второ и еден во шесто одделение. Станува збор за прекрасни деца, одлични ученици и многу воспитани – истакна Имери.

Учениците и наставниците денес оддржаа марш од училиштето до плоштадот „Скендер Бег“ во знак на солидарност и сочувство со блиските на загинатите во несреќата во која загинаа 46 лица, меѓу кои 12 деца.

Семејствата сѐ уште немаат официјална потврда за смртта зашто се утврдува индентитетот на загинатите со ДНК-анализа.

– Ова никогаш да не се повтори. Сочувствуваме со блиските на сите што ги изгубија животот. Ние денес имавме настава до пладне, но беше многу тешко да се оддржи. Многу деца плачат, вознемирени се. Марширавме на иницијатива на учениците. Од утре ќе продолжиме со наставата, ние мора сите да си помогнеме, да се крепиме и држиме меѓу себе и така да си дадеме сила. Тагата и болката ќе останат – вели Имери.

Фото: Принт-скрин