Скопјанец заработи кривична пријава заради сомнение дека во три наврата крадел туѓи автомобили низ Скопје.

Како што соопшти Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, е поднесена кривична пријава против Н.К. (35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела “одземање моторно возило“,со што тој се стекнал со противправна имотна корист од околу 580.000 денари.

Пријавениот, на 16 -ти овој месец во периодот од 12.00 до 19.30 часот на паркинг просторот пред Царинска управа на Република Македонија, влегол во незаклучено моторно возило „Фолксваген Поло“, ги пронашол клучевите, го стартувал возилото и заминал во непознат правец.

Украдениот автомобил бил пронајден четири дена подоцна од страна на полициски службеници и било вратено на оштетениот.

На 20-ти овој месец, Н.К. околу 01.30 часот на бул. „Партизански Одреди“ го искористил невниманието на сопственикот, кој застанал со патничко возило „Мерцедес“ пред аптека и го оставил возилото со клуч во бравата и влегол во аптеката. Крадецот веднаш влегол во возилото, го стартувал и заминал во непознат правец.

Истиот ден, од страна на полициски службеници, возилото било лоцирано на улица „Јужен Булевар“ каде било оставено од пријавениот без регистарски ознаки. За кратко време Н.К. се вратил да го земе возилото, по што бил лишен од слобода и однесен во просториите на Полициската станица Центар.

Третото кривично дело го извршил два дена подоцна, односно на 22.04., околу 23.00 часот на улица „Филип II Македонски“. Тој го искористил невниманието на оштетениот кој застанал со моторно возило „Фолксваген Голф“ пред аптека, оставајќи го возилото со контакт клуч во бравата по што влегол во аптеката.

Пријавениот веднаш влегол во возилото, го стартувал со клучот и заминал во непознат правец. Наредниот ден околу 03.00 часот, од страна на полициски службеници, пријавениот бил затекнат како го управува одземеното возило, по што бил лишен од слобода и бил приведен во Полициската станица Центар.

Инаку, Н.К. е познат сторител на имотни деликти за што, во периодот 1997 до 2014 година, му биле поднесени вкупно 166 кривични пријави по однос на овој вид криминал.