Екстрадицијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски е правно прашање за кое е задолжен судскиот систем, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој денеска е во посета на Македонија.

– Ова не е политичко, туку правно прашање. Тоа е работа за судскиот систем и политичарите во Унгарија не може да поставуваат прашање во врска со тоа – изјави Сијарто на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во МНР, одговарајќи на новинарско прашање зошто Унгарија не го испорачува Груевски.

Јавното обвинителство го обвини Груевски дека ги организирал насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Груевски е во бегство во Будимпешта од 2018 година, а на 27 јуни 2019 година, Судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба. Тој е обвинет во повеќе судски процеси и осуден во предметот „Тенк” на две години затвор за набавката на луксузниот мерцедес.