„Вашите деца не се ваши деца. Тие доаѓаат низ вас, но не и од вас, и иако се со вас, не ви припаѓаат вам. Можете да им ја дадете својата љубов, но не и своите мисли. Бидејќи тие имаат свои, сопствени мисли. Можете да ги удомите нивните тела, но не и нивните души, бидејќи нивните души живеат во куќите на утрешнината, кои вие не може да ги посетите, дури ни во вашите соништа“, се зборовите на либанскиот, маронитски, арапски и американски поет Калил Џибран

ЗАШТИТНИЦИТЕ НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА И ДЕФЕКТОЛОЗИТЕ СТРАВОТНО ОГОРЧЕНИ И ЗГРОЗЕНИ ОД СЛУЧАЈОТ ВО ГОСТИВАР, ВО КОЈ ДЕТЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ЗАГИНА ВО ПОЖАР

Неодамна земјава беше згрозена од случајот во Гостивар во кој дете загина во пожар во станбена зграда. Според информациите, детето било извадено од опожарениот стан, меѓутоа им подлегнало на повредите. Тоа било пренесено во Општата болница во Гостивар, меѓутоа обидите за реанимација биле неуспешни. Во несреќата тешки повреди доби и жена над 30 години, на која ѝ се укажа помош во болницата.
– Првичните информации се дека во 8 часот утрово, во СВР-Тетово е пријавено дека во стан на трети кат во Гостивар избувнал пожар. Како последица на пожарот, две лица со сериозни здравствени тешкотии се пренесени во Општата болница во Гостивар, при што е констатирано дека едно од двете лица, малолетно, починало. На самото место се јавен обвинител и СВР Тетово. Со интервенција на противпожарната единица, пожарот е локализиран. Ќе се утврдуваат причините – изјавија тогаш од СВР-Тетово.
Дежурниот пожарникар Изет Изети, по инцидентот, изјави дека непосредно по пријавата за пожар, на терен излегле со две возила и за половина час го локализирале пожарот. Првичните сознанија се дека пожарот се појавил во една од собите на станот во кој престојувало повеќечлено семејство.
Подоцнежните информации покажаа дека седумгодишното дете било врзано со синџир за нозете, а од Обвинителството информираа дека семејството информирало дека причина за врзувањето била агресивноста на детето. Обвинителството ги презеде сите дејства за утврдување кривична одговорност.
Јавноста беше згрозена од овој случај, а особено родителите на деца со посебни потреби, кои реагираа дека начинот на врзување на децата со посебни потреби не е начин на чување на децата.

„МЕЃАШИ“ СО РЕАКЦИЈА

Со своја реакција излегоа од првата детска амбасада „Меѓаши“. Тие информираа дека се згрозени од чинот што се случи на 16 март во Гостивар, кога мaлолетно дете изгоре врзано со синџири на нозете. Обвинителството извести дека, според исказот на семејството, детето било врзано со синџир зашто било агресивно.
– Граѓанските организации при своите анализи на аномалиите на системот, освен теренските истражувања, ги користат и информациите добиени од медиумите. Во конкретниот случај, при анализа на информации пласирани во медиумите, како класичните така и интернет-медиумите, можеме да заклучиме дека едни медиуми информираа дека семејството е семејство фантом, кое не е регистрирано во системот, други медиуми известуваа дека Центарот за социјални грижи имал информации за семејството – информираа од амбасадата.
Според нивните информации, само детето што настрадало во пожарот немало извод од матичната книга на родените, односно не било регистрирано, а притоа дополнуваат дека граѓани реагирале до Центарот за социјални грижи во Ресен, но оттаму не презеле никакви мерки.
Од „Меѓаши“ истакнуваат дека во најдобар интерес на децата е да се внимава на деталите што може да имаат негативен ефект токму на нив. Тие нагласуваат дека државата треба да ја почитува усвоената Конвенција за детски права на ООН, според која: детето се пријавува веднаш по раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и, ако е можно, право да знае кои му се родители и право тие да се грижат за него; државите членки го обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, особено во оние случаи кога детето инаку би било апатрид; се обезбедува соодветна заштита на мајката пред и по раѓањето на детето; им се овозможува на сите сегменти на општеството, особено на родителите и на децата, да бидат информирани и да им се даде поддршка при користењето на основните знаења за здравјето, исхраната на детето, предимствата на доењето, хигиената и хигиенските услови на животната средина, како и за спречувањето несреќи; државите членки се обврзуваат ниедно дете да не биде изложено на мачење или на други свирепи, нечовечки или понижувачки постапки или казни.

ШТО ВЕЛАТ ДЕФЕКТОЛОЗИТЕ

Експертите што работат со деца кај кои постои одредена попреченост велат дека тежината најчесто паѓа врз грбот на родителите.
Според дефектологот Јелена Ѓиновска, родителите се соочуваат со болка и агонија кога ќе добијат информација дека нивното дете е со посебни потреби.
– Одлуката за тоа дали нивното дете ќе напредува со своите способности или ќе го држат во мрак и во незнаење за реалниот свет, паѓа на товар на родителите. Во минатото, општеството и самото семејство немале многу сознанија за оваа проблематика, ниту напредни ресурси, ниту поддршка. Се потпирале на ставови од други луѓе, ги криеле своите деца или ги оставале во институција, без притоа да бидат присутни во целиот процес на нивниот развој и, најбитно, во нивната улога на родител, кој треба да даде љубов, разбирање и поддршка. Многу институции се затворени токму поради овој пристап, за да се овозможи детето да ги добива потребната љубов и поддршка во својот дом додека присуствува на настава во дневни центри или основно училиште. Денес дури оваа проблематика е и доста актуелна и родителите се во можност да добијат адекватна поддршка од специјални едукатори и рехабилитатори, групи на родители со деца со посебни потреби, портали што нудат активности за работа дома и помош и слично – вели таа.
Според неа, главното прашање е, кога постојат толку многу ресурси, зошто сѐ уште многу родители ги кријат своите деца во мрак и зошто ги губат скапоцените први години од животот на своето дете, адаптирајќи се на помислата и криејќи се некои од срам од општеството, кога тие години се многу важни за раниот развој и стимулација на детето.

Експертите од оваа област и досега алармирале дека некои родители на деца со посебни потреби ги затвораат децата во нивната соба додека имаат гости, мислејќи дека така ќе го заштитат своето дете од потсмев, а само кога би знаеле колку се корисни сите социјални интеракции за децата со посебни потреби и колку чисто и нежно умеат тие да љубат. Некои од нив им даваат апчиња за смирување, за да бидат помирни додека тие ги извршуваат своите обврски. Сe што треба е да се стигне до вистинските техники за работа и смирување на детето преку игра и техники, со што тоа наедно учи, се развива и се смирува, вели дефектологот Јелена Ѓиновска

– Според голем број примери, многу деца не добиле адекватна подготовка токму поради родителите. Не се работело со нив, не го изложувале на вистински стимули, а тие сами, како родители, не добиле ја вистинската поддршка што им била потребна токму во тие моменти.
Сведоци сме на изложеноста на насилство врз децата со посебни потреби, било од нивните родители или од одредена група деца, потсмев на самото дете и на самите родители. Макотрпна битка и борба со предрасуди и потсмев. Но како да впериме прст врз општеството, кога многу семејства сами подлежат на потсмев, поради фактот што не ги прифатиле своите деца такви какви што се и не им ги подариле вистинската топлина и поддршка? Дали навистина мора да очекуваме од соседот да ни го прифати детето такво какво што е кога ние сами не можеме да си го прифатиме? Скриени во мрак, од срам, некои ги кријат така што не бараат вистинска нега и едукација за нивните деца со посебни потреби. Не посетуваат дневни центри, кои сега им се на располагање на различни општини, не зборуваат со роднини, со пријатели за своето дете, не бараат специјален едукатор и рехабилитатор во основните училишта ниту во градинките. Иако знаеме дека тоа е струка што треба да биде во секој сегмент во образованието, па дури и во гинеколошкиот дел во самата болница, за самите родители да ја добијат вистинската поддршка и насока уште од самиот почеток, а и детето да може од раните години, дури и од самото раѓање, да ја добие потребната нега – истакнува таа.

Дефектологот исто така информира дека наишла на примери каде што едниот родител се залага за своето дете, неговите права, едукација и развој, додека другиот родител смета дека тоа е залудно трошење време и дека најдобро би било да се сконцентрираат на своите „здрави“ деца, додека нивното дете со посебни потреби треба само да фигурира како појава во нивниот дом.
– Колку и да звучи болно, ова е чест случај и навистина се радувам кога ќе победи разумната страна, поточно разумниот родител. Многу од нив дури и ги затвораат во нивната соба додека имаат гости, мислејќи дека така ќе го заштитат своето дете од потсмев, а кога само би знаеле колку се корисни сите социјални интеракции за децата со посебни потреби и колку чисто и нежно умеат тие да љубат. Некои од нив им даваат апчиња за смирување, за да бидат помирни додека тие ги извршуваат своите обврски. Сѐ што треба е да се стигне до вистинските техники за работа и смирување на детето преку игра и техники, со што тоа наедно учи, се развива и се смирува. Безброј статии се напишани за оваа проблематика, безброј совети се кажани и ниеден специјален едукатор не би ве вратил доколку побарате помош како вашето дете да си игра дома и да го смирите со вистински техники и активности. Некои деца се склони кон агресивно однесување и недостиг од емпатија, но деструктивното однесување кај децата често е резултат на недостиг од хармонија во семејниот живот и неадекватен пристап, изложеност на терапии за да се контролира агресивното однесување, кое се смета и како насилство спрема самото дете, сепак, се применува многу почесто отколку што сме свесни сите ние – револтирано раскажува таа за „Нова Македонија“.
Според неа, некои родители ги кријат своите деца буквално во мрак, а тоа не е метафорички, за што стана збор погоре.

– И двата случаи се многу болни и грозни сами по себе. Ги чуваат заврзани, дали за нозе или за раце, ги чуваат и ги хранат како да се животни. Би сакала да кажам дека иако ова е метод од минатото, кој изумрел и се довело до свест дека е навистина нехуман, за жал, сѐ уште е застапен. Ги кријат заврзани во подрум или во одделена просторија. И тие деца не добиваат никаква можност да ги искажат своите способности. Врзи куче за синџири, па нема ништо да добиеш од тоа куче, освен само својството на основни инстикти. Кога тој нехуман гест ќе се открие, доколку се открие од страна на социјалната служба, и кога ќе дојде моментот да се работи со тоа дете, тогаш се работи само на основните работи. Затоа што тоа дете не знае како да се храни со прибор, не знае што е чинија, дури има деца што не знаат ни како правилно се пие вода од чаша! Подоцна се почнува со работа за основната лична хигиена и слично. Тие деца се учени од сѐ да најдат храна, дури и најгрозните работи што може да ви паднат на ум моментално. И тоа е најнехуманиот пристап од страна на родителите врз овие деца.
Некои се навистина под влијание на сиромаштијата и неукоста и за тие случаи сметам дека самата држава би требало да има посебни ресурси и грижа и за самите семејства и за нивните деца. Затоа тука е многу битен специјалниот едукатор уште од болница, кога жената ќе се породи, да ја насочи и да ѝ помогне. Исто така средствата што се наменети за семејствата со деца со посебни потреби не покриваат многу и не помагаат доволно. Но колку и да пробувам да најдам светла страна и да најдам оправдување за нив како родители и да излезам поголем човек, не можам.

Самото тоа дека човек е способен да си го врзе своето дете и да не му понуди ни минимални работи за напредок, не ми дава голем простор за да најдам оправдување. Родителската самоизолација најчесто е последица од претпоставката дека детето ќе биде исмејувано надвор, а со тоа и самиот родител – вели таа.
Според неа, квалитетот на детската грижа зависи од квалитетот на родителската грижа. А тоа некогаш не е од основен критериум на образованието на родителите и нивните финансии, туку квалитетот на родителство.
– Иако морам да напоменам дека познавам многу семејства што се борат за правата на своите деца и сите други, наоѓаат време, дури и она што го немаат, за нивните деца да се развијат и да се социјализираат и постојано работат со нив. Не само што е потребна инклузија на детето со посебни потреби, важна е и едукацијата на самиот родител. Само со свесност дека неговото дете е чиста љубов и прекрасно, ќе се отворат пат и блискост – заклучува Ѓиновска.

[email protected]