Синовите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и на ексдиректорот на Царинската управа, Влатко Мијалков, Александар и Филип, преку допис до медиумите реагираат и демантираат дека наводно претепале момче и дека заради тоа биле приведени. Тие велат дека во петокот нападнат бил нивни пријател, а тие се обидувале да ја смират ситуацијата, за да не ескалира.

– Свесни сме дека презимето кое го носиме предизвикува внимание во медиумите и јавноста, но тоа не ја намалува обврската за професионално известување и пренесување на двете страни пред да се изведе заклучок дека некој некого претепал или бил уапсен – се вели во реакцијата.

Тие објаснуваат дека во петокот вечерта со неколкумина пријатели биле излезени во кафуле во Дебар Маало, а околу 20.45 часот еден од пријателите во друштвото имал расправија со девојката, по што бил нападнат од неколкумина нејзини другари.

– Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него. Ние двајцата ги двоевме двете групи и се обидувавме да ја смириме ситуацијата за да не ескалира. Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. За жал, нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче.

Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19-годишно момче кое го пријавило настанот. По случката заминавме дома, а нашиот пријател побара медицинска помош. Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи – стои во реакцијата.

Мијалкови велат дека еден од нивните пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжил да добива закани на мобилниот телефон.

– Исто така во текот на вчерашниот ден, Филип беше нападнат од истата група на момчиња кои со шипки и пендраци удираа по колата во која што седеше. Во полиција е пријавен и насилен напад врз Филип, при што беше оштетено возилото во кое се наоѓаше. Се надеваме дека полицијата ќе го расчисти случајот, а со тоа ќе запрат и дезинформациите во јавноста – се вели во реакцијата.

Од полицијата вчера информираа дека „На 27.03.2021 во 00.30 часот во Полициска станица Центар, И.С.(19) од Скопје пријавил дека на 26.03.2021 околу 21.45 часот во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од шест лица“.

– Лицата се повикани во полициска станица и известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – изјавија од МВР.