Синдикалните организации во државата ги осудија сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Тие бараат Владата јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.

– Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано – велат синдикатите во заедничко соопштение.

Тие апелираат Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок согласно своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за овие месеци.

Исто така, апелираат УЈП, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства.

Бараат и Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама.

Синдикатите предлагаат во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.

Соопштението е испратено од:

• Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
• Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
• Независен академски синдикат (НАкС)
• Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
• Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
• Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
• Хелсиншки комитет за човекови права
• Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
• Левичарско движење „Солидарност“
• ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена
• Субверзивен фронт