Со читање СМС комуникација денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за постапката за избор на компанија за изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

СМС комуникацијата е во периодот 2012-2013 година и се однесува на договарањето на кинеските компании и кредити за изградба на автопатските делници. Најголемиот дел е помеѓу ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и други лица, меѓу кои и тогашниот амбасадор на Македонија во Кина Оливер Шамбовски.

Случајот „Траекторија” на Специјалното јавно обвинителство се наоѓа во доказна постапка и во него обвинети се поранешниот премиер Никола Груеваки на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
 
Судијата Горан Бошевски на минатото рочиште го одреди Горан Кркински за адвокат по службена должност на Никола Груевски, бидејќи го откажал полномошното на неговите бранители.
 
СМС комуникацијата ја чита обвинителката Лиле Стефановска од СЈО, која е застапник на обвинението.
 
Според обвинението на СЈО обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанелр штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.