Се одложи првото рочиште на кое Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Анастасовски се обвинети како организатори на настаните од 27 април.

Четворицата денеска се појавија на јавната расправа – Јанакиески, Ристовски и Анастасовски беа спроведени од домашен притвор, додека Вељаноски се појави последен и седна сам во вториот ред од судницата.

Судењето се одложи бидејќи одбраната се пожали дека не се добиени сите докази за случајот, за обвинетите да можат да се произнесат за вина. Судијата Иле Трпков го одложи судењето за 26-ти февруари велејќи: „Водевме сметка за тоа на Миле Јанакиески да не му се поклопува ова со други судења”.

Обвинителката Вилма Русковска рече дека одбраната предложила по 300 сведоци од обвинет и дека се надева дека без да се загрози одбраната ќе се намали оваа бројка. Одбраната пак, побара да ги добие сите докази со кои располага обвинителството, бидејќи материјалите се наоѓале во Апелациониот суд кои се дел од предметот во кој претходно беа осудени 16-мина на повеќе од 200 години затвор.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.